Датум за членство во ЕУ
Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ објави дека Германската канцеларка Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за давање датум за преговори на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ.
На денешната прес – конференција премиерот Зоран Заев рече дека информациите кои ги објавија германските медиуми дека таа рекла „не“ за брз датум за преговори со Македонија на седница на Комисијата за европски прашања е стара вест.
Заев истакна дека ќе има два мегданa за добивање датум за преговори ова лето, едниот на состанокот на Советот за општи работи (ГАК) на 18 јуни од каде околу 20-21 јуни се очекуваат информации, потоа Европскиот совет ја носи конечната политичка одлука. Вториот мегдан, како што рече Заев, е на 23 или 28 јули кога се одржува повторно ГАК.
Оставки и подновување
Мерцедесот од 600.000 евра, за чијашто набавка екс-премиерот Никола Груевски заработи затворска казна од две години, наместо да се продаде и да се купат возила за Брза помош, како што во предизборието најавуваше премиерот Зоран Заев, добива нови гуми. Во јавно достапната документација, објавена на електронскиот систем за јавни набавки, со која се набавуваат гуми и за други владини возила, се забележува дека за пневматици за блиндираното возило ќе се потрошат повеќе од 53.000 евра.
Во меѓувреме долгоочекуваната оставка на пратеничката функција,, Никола Гревски, ја поднесе на 5 јуни и ја достави во Собранието на Република Северна Македонија со нотарски акт и со соодветни печати со кои се потврдува дека станува збор за лична изјава на Груевски. Претседателот на Собранието Талат Џафери, изјави дека оставката ќе се разгледа во понеделник на координација и притоа ќе бидат земени во предвид одредбите од Деловникот и од Уставот кои се однесуваат на оставка на пратеник, но и фактот дека во Собранието веќе има соодветна постапка за одземање на неговиот мандат. Доколку Џафери и координаторите на пратеничките групи во понеделник одлучат да ја прифатат оставката на Груевски доставена преку нотарски акт како лична изјава, таа ќе се најде на дневен ред на 102. седница на Собранието закажана во вторник на 11 јуни. Џафери вели дека мора да се направи консултација и со опозицијата и со владејачкото мнозинство како да се постапи поради тоа што ова е специфичен случај за што нема посебни ставки и одредби во нашата легислатива.
Антикорупција
Државната комисија за спречување корупција ќе испитува како Министерството за култура ја доделува државната награда „Св. Климент Охридски“. ДКСК ќе побара документи од Министерството за култура и пример на доделување на наградата од 2018 за да се види целата процедура. Ваквата одлука на ДКСК е резултат на пријава од универзитетска професорка, која претходно била наставничка.
Во пријавата професорката вели дека по правило оваа награда од 4.000 евра треба да ја добиваат учители и професори, но наспроти тоа таа завршува кај функционери, како ректори и декани.
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ во Тетово одржа креативна работилница „Обединети против насилството“ во ООУ „Лирија“ како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје. Работилницата беше дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Тетово, локална самоуправа и полицијата за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам.
Работилницата беше проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Тетово. По работилницата, за време на доделувањето на благодарниците пред присутните се обрати претставник на Општина Тетово, претставник на СВР Тетово, како и претставници на ЦИВИЛ. Вакви креативни работилници ЦИВИЛ одржа во Куманово, Велес и Гази Баба.
Активистичката недела на ЦИВИЛ опфаќаше и промоција на проектот проектот „Зелена иднина“, кој организацијата го спроведува во соработка со Хајнрих Бел – Сараево. На инфо – штандот пред платото на ЈИЕ, Стара скопска чаршија, граѓанките и граѓаните имаа можност да се информираат за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот преку едукативен и информативен материјал, но и во директна комуникација со тимот на ЦИВИЛ. Исто така, во рамки на проектот Граѓански објектив, кој организацијата го спроведува веќе четврта година, ЦИВИЛ ги додели претпоследните пет награди за науспешните стории на граѓански новинари. Овој пат наградените стории се однесуваат на прекршување на човековите права и социјалната (не)правда, со посебен акцент на гласачкото право, но и елементарните човекови права, како правото на вода.
Трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО (#КрајЗаРасипништвото) во организација на ЦИВИЛ се организираше со цел дискусија за веќе доставените барања до парламентот на 17 мај, во пет минути до 12 часот, за ставање крај на расипништвото и повластиците во кои уживаат функционерите, почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот. Покрај барањата на ЦИВИЛ, беа презентирани и предлозите од граѓанки и граѓани од целата земја, кои во изминатиот период од 14 мај до сега ги испраќаа до организацијата, а се поврзани со овие барања.
По презентацијата на барањата на ЦИВИЛ, сите присутни ја искористија можноста јавно да ги изнесат своите ставови и конкретни предлози на оваа тема. Во наредните денови ЦИВИЛ Медиа ќе објави сублимат од предлозите на граѓанките и граѓаните учесници на трибината. По трибината се одржа и работна средба на која се формираше работна група која во наредниот период ќе состави конкретни предлог-законски измени и конкретни решенија во насока на намалувањето на привилегиите и поголема контрола на трошењето на парите на граѓанките и граѓаните.
Б. Јордановска