Министерството за животна средина е едно од трите министерства (заедно со тоа за култура и за локална самоуправа), за кои се издвојуваат најмалку средства од буџетот (најновиот предлог буџет за 2019 година не е исклучок од оваа традиција).
Во исто време, ова е министерство кое ги црпи своите надлежности и е одговорно за спроведување, не на еден, не на пет, туку на дванаесет закони (ЗАКОН ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ЗАКОН ЗА КВАЛИТЕТ НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ, ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА, ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА ОД БУЧАВА ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ, ЗАКОН ЗА БАТЕРИИ И АКУМУЛАТОРИ И ОТПАДНИ БАТЕРИИ И АКУМУЛАТОРИ, ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПАКУВАЊЕ И ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ, ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА И ЕЛЕКТРОНСКА ОПРЕМА, ЗАКОН ЗА ВОДИТЕ, ЗАКОН ЗА ПРОСТОРНО И УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ, ЗАКОН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРНИОТ ПЛАН НА РМ, ЗАКОН ЗА ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНИ ОРГАНИЗМИ, ЗАКОН ЗА СВЕТСКО ПРИРОДНО И КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО).
Од овие дванаесет закони осум се однесуваат на области кои се директно поврзани со здравјето на граѓаните на Република Македонија, односно, области во кои се утврдени најмногу отстапувања од европските стандарди.
Ова министерство е задолжено за давање дозволи, за контрола, за инспекции, за планирање.
Македонија има најлош амбиентен воздух во цела Европа, природата и природните богатства се изложени на постојан атак, нема соодветен систем за справување со отпадот, како последица на климатските промени Македонија се вбројува во државите кои ќе имаат големи проблеми со недостаток на вода, градовите се во урбан хаос, а генетски модифицираната храна е нешто за што не се зборува. А не е да нема решенија, некои дури и многу едноставни и лесни под еден услов: да се исклучи корупцијата.
Не може Македонија да се наоѓа во ваква катастрофална ситуација, а за тоа да нема никаква одговорност на страна на соодветното ресорно министерство и на раководните луѓе во министерството во изминатите 20 години.
Според мене, состојбата е ваква заради тоа што во поделбата на владиниот колач ова министерство служи за поткусурување (како незначајно и непосакувано)? Или, што е многу поверојатно, заради тоа што претставува посебен интерес за луѓето кои се бават со бизниси непосредно поврзани со ова министерство?
Да имаш “свој“ човек на чело на ова министерство значи дека може да добиеш дозвола и тогаш кога не ги исполнуваш потребните услови, да не бидеш контролиран и тогаш кога градиш на несоодветен начин, да ти се гледа низ прсти тогаш кога отвораш каменоломи и рудници на секое ќоше. Да бидеш заштитен кога ја уништуваш животната средина. Да не одговараш за поморот на рибите. Да не бидеш казнет за испуштање на штетни гасови. Да ја претвориш државата во огромно ѓубриште и за тоа да нема виновник…
Она што мора да се признае како факт е дека тоа што на чело на ова министерство веќе 12 години се наоѓа претставник на некоја од албанските партии, не значи и дискриминација на граѓаните по етничка основа. Не. Овие министри не дискриминираат. Со својата работа тие на еднаков начин ги убиваат и Македонците и Албанците.
Преземање на содржините од оваа рубрика е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.