од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Слушале бомби и чувале тајни. Уште еден рекет. Овојпат врз буџетот. Дрско, арогантно, срамно, дури неподносливо лесно обвинителката Фатиме се обиде да се оправда и себе си и своите за купчињата евра симпатично наречени бонуси.
Се виде дека овие од СЈО навистина претерале. Треба да си одат дома. Сите од ред. Според индикациите првата дама засега им е таму каде што и`треба да е. За неа, нека решава судот. А другите, другите да ги вратат парите. И да се извинат. На сите. Најпрво на граѓаните. И за парите и за изневерените очекувања. За подршката што им ја даваа, исто така. Што маршираа за нив и што заштитнички дежураа пред нивната капија. Што родителите си ги оставаа децата дома за да им влеат сигурност и сила уште додека режимот беше и жив и жилав. Имаа неограничена граѓанска доверба зашто не беа производ на компромитираната политика, туку на граѓанските надежи.
Со што вратија и со што сега возвраќаат. Со неподнослива леснотија што ја манифестираат со својата ароганција. Со препотенција на невидено. Со евтините приказни за тоа дека пратениците трошеле повеќе. Тие им биле реперот. Тие и таквите Боневки и Дизелки им биле патоказот до бонусите. Тие им се сега покритието.
Ѕвездите Фатиме, Ленче и останатите ѕвездучки околу нив не треба ништо да објаснуваат. Најмалку да се правдаат, да измислуваат обврски за кои имаа плати. Редовни, натпросечни. А ако во лакомоста веќе решиле да се одмеруваат со пратениците, еве избори се ближат па нека истрчаат меѓу гласачите. Ќе имаат за од Боговиње и Тетово до Парламентот и за назад. Од народот платено се`. И бензин и патарини и амортизација.
Дотогаш да и` одгворат на јавноста за наградите. За тоа што правеа и зошто молчеа додека нивната шефица укинуваше притвори и враќаше пасоши. И преку нивните привилегии се покажа дека не само сваровскиот судски систем, туку и бонусите го парализирале миленичето СЈО. И дека и таму си се самокорумпирале и дека и тие онака фино си се вклопиле во сеопштите неетички аршини. Имало за Катица, имало и за нив. Се` по пропис.
Народот гледа и памти. Најмногу за изневерените надежи и за уште понеизневерените очекувања. Корупцијата ја урива секоја власт и секоја институција. Го урна и режимот. Го стори тоа сега и со СЈО. Ако власта, премиерот и неговата партија продолжат да се навлекуваат на шармот на грациите од СЈО, ако и натаму манифестираат разбирање за нивните бонусни хирови, со довербата и ним не ќе им оди на арно.
Младиот тим на довчерашното СЈО е на потег. Да покажат доблест и да се извлечат од калта во која самите си зацапале. Најитно да сторат една, две работи. Прво, бонусите од нивните џебови да ги трансферираат на сметката на државниот буџет.
И, второ, наместо со својата ароганција да продаваат неподнослива леснотија, да најдат соодветни зборови на извинување до тие кои им веруваа неизмерно.