Во своето вечерашно обраќање до јавноста, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го потврди она што претходно го објави Бен Гвир, шефот на крајнодесничарската партија која ја предложи реформата. Нетанјаху рече дека второто и третото читање на контроверзните судски реформи ќе бидат одложени до следната седница на Парламентот „за неколку недели“, јави Ројтерс.
Оставаме време за дијалог, истакна Нетанјаху.
Израелскиот премиер нагласи дека неговата влада никогаш нема да прифати граѓанска војна.
Се соочуваме со криза што претставува вистинска закана за националното единство на Израелците, рече Нетанјаху на почетокот на своето обраќање, додавајќи дека „не е подготвен да ја подели нацијата на парчиња“ и дека „ќе го преврти секој камен за да најде решение“.
Тој го критикуваше, како што наведува, „екстремистичкото малцинство кое е подготвено да ја подели нашата нација“.
Одлуката на израелскиот премиер да ја одложи спорната судска реформа очигледно го постигна својот прв ефект. Најголемиот израелски синдикат го откажа генералниот штрајк, кој претходно го најави поради намерата на Владата на Нетанјаху да ја усвои контроверзната судска реформа за неколку дена.
Израелските медиуми јавуваат дека протестите продолжуваат и покрај вечерашниот потег на премиерот, кој потврди дека гласањето за контроверзната судска реформа ќе биде одложено, одбивајќи да го прифати барањето на демонстрантите целосно да се откаже одсудската реформа.
Реакција имаше и од израелскиот претседател Исак Херцог, кој претходно денеска повика да се прекине судската реформа. Вечерва, пак, тој истакна дека одложувањето на гласањето за реформата е „правилна одлука“.
Потребен ни е најширок можен консензус. Ги повикувам сите вклучени да покажат одговорност, изјави Херцог.
Иако израелскиот премиер вечерва се обиде да ги намали тензиите со одложување на гласањето за контроверзната судска реформа, останува да се види дали десетици илјади демонстранти, кои цел ден го чекаа неговото обраќање, ќе се согласат со компромисот што тој го понуди, објави Би Би Си, додавајќи дека во следните неколку часа ќе стане јасно дали Нетанјаху успеал да ги смири тензиите кои ескалираа во последните денови.
Г. Т.