Блискиот Исток влегува во нова фаза на неизвесност и ескалација. Најновиот развој доаѓа од стратешкиот Ормуски теснец, каде што Иран повторно воведе строги ограничувања за поморскиот сообраќај, откако претходно кратко го отвори. Според лондонски Гардијан, иранските сили дури и отвориле оган кон танкер во близина на Оман, што дополнително ја зголемува напнатоста и ризикот од поширок конфликт.
Преку теснецот минува околу 20% од светската нафта, што значи дека секое нарушување директно влијае врз цените на енергенсите и економската стабилност ширум светот.
Паралелно со тоа, САД не ја повлекуваат својата поморска блокада кон Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира дека таа ќе остане на сила сѐ додека не се постигне „целосен договор“, и покрај сигналите за можни дипломатски решенија.
Во меѓувреме, ситуацијата на терен останува исклучително нестабилна. Напади врз трговски бродови и сомнителни инциденти во Персискиот Залив се регистрирани во последните часови, што дополнително го зголемува ризикот за меѓународниот транспорт и безбедноста.
Конфликтот не се ограничува само на Иран и Заливот. Во Либан, тензиите меѓу Израел и Хезболах продолжуваат и покрај кревките примирја, додека Јеменските Хути – сојузници на Иран – веќе учествуваат во нападите врз Израел.
И покрај одредени сигнали за дипломатски напредок, вклучително и посреднички напори од земји како Египет, Турција и Пакистан, ситуацијата останува далеку од стабилна. Индиректни разговори меѓу Вашингтон и Техеран се очекуваат, но длабоките разлики и меѓусебната недоверба го отежнуваат процесот.
Џ. Д.












































