пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Денес е 4 јули, Денот на независноста на нашиот најголем сојузник и пријател, САД.
За сите оние што не веруваат во оваа констатација, еве неколку неоспорни историски факти од блиското и далечното минато:
– Американскиот претседател Вилсон беше меѓу ретките државници кој во Лигата на народите (а и пред тоа) јавно говореше и се залагаше за независност на Македонија и за слобода за малите балкански народи. За разлика од други големи сили кои биле против тоа. На пример, Русија.
– По осамостојувањето на нашата држава во 1991, додека Милошевиќ и неговата војска се закануваа и упаѓаа нон-стоп на македонска територија, во летото 1993 година, Америка прати 330 војници на линијата на демаркација со Србија, и испрати јасна порака до северниот сосед, со што де факто ја поддржа и ја гарантираше независноста и сигурноста на македонската држава. Без таа интервенција и заштита, можете да замислите што ќе нè снајдеше.
– Америка е заслужна и за тоа што конфликтот од 2001-ва не прерасна во војна. Токму американскиот притисок беше пресуден за смирување на конфликтот, потпишување на Рамковниот договор, со кој се гарантира унитарноста и единственоста на земјата, како и еднакви права за припадниците на сите народи што живеат во неа.
– Освен тоа, да не заборавиме, САД се најзаслужни за спречување и смирување на многу наши внатрешни кавги и глупости, вклучувајки го огромниот придонес и за спречување на обидот за државен удар и поттикнување граѓанска војна со крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017. За разлика од некои други сили и земји, чии што структури учествуваа во организирање на тој грозоморен настан, и кои постојано работат, и ден денес, на создавање на конфликти, омраза и насилство во нашата земја.
– Америка од 1990-та наваму истурила милијарди долари неповратна помош во подобрување на нашиот живот, изградба на наши училишта, болници, водоводи, канализации, заштита на културното наследство, изградба на капацитети на институциите, невладиниот сектор, помош на земјоделци, мали бизниси итн. За разлика од некои други моќни земји од Истокот, кои инвестираат многу помалку пари, но не во изградба и поддршка на нашиот развој, туку во рушење на нашата татковина.
– Да не заборавиме и на клучниот придонес на САД за затворање на тридеценискиот спор со Грција, што овозможи влез на земјата во НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз во историјата на човештвото, со што се стави крај на сите дилеми за опстанокот и иднината на нашата држава, и му донесе светли перспективи за напредок на целиот Балкан, на нашиот регион кој со векови е познат како „буре барут“ и место за крвави војни меѓу соседите.
Затоа и не само затоа, треба да сме горди што имаме такви сојузници и пријатели. Thank you, and happy Independence Day, USA!