Официјално од денеска започнува новата учебна година, каде во 600 училишта во државава се одржува настава со физичко присуство, а за останатите е достапно учење на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија.
Физичкото присуство на училишните часови не може ништо да го замени, но во време на светска пандемија, онлајн коминикацијата е потребна за одржување некаков континуитет во образовниот процес, вели наставничката по информатика во ОУ „Сандо Масев“ од Струмица, Билјана Николова.
„Бидејќи станува збор за генерации кои се дигитално писмени и кај кои онлајн живеењето е едно секојдневие, јас мислам дека учениците немаат потешкотии да остварат онлајн комуникација и онлајн учење, туку напротив, поприемлив e за одредени наставни предмети. Секако отсуствува процесот на социјално дружење помеѓу учениците, што е една важна компонента за развојот на една млада личност“, вели Николова.
Николова вели дека во периодот кога започна пандемијата, наставниците се снаоѓале секој на свој начин, барајќи најсоодветен пристап како да ги пренесат знаењата на своите ученици.
„Со оглед на расположливите средства што ги имаа, реализираа настава, но секако со послаб квалитет, со еден збор – импровизација. Тие беа затекнати и оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат“, вели Николова.
Николова додава дека таа како наставник по информатика немала потешкотии во реализирањето на наставата од технички аспект.
„Јас како наставник по информатика немав потешкотии во реализирањето на наставата од технички аспект и ја организирав со користење на повеќе бесплатни програми. Во тој момент ни недостигаше една заедничка унифицирана платформа, која би ја користеле сите за да се обезбеди воедначен пристап при проучувањето и оценувањето на сите ученици“, додава Николова.
Во однос на Националната платформа за учење од далечина Николова вели дека тоа е образовна платформа која е прилагодена соодветно на нашиот образовен систем и која ги обединува на едно место учениците, наставниците и сите потребни програми кои се потребни за реализација на наставниот процес.
„Јас лично сметам дека во периодот кој следува Националната платформа ќе ни овозможи еден стабилен и континуиран процес на онлајн учење. Самата платформа е богата со многу активности и ресурси, кои би им помогнале на наставниците да креираат интересни и интерактивни содржини за своите ученици. Искрено се надевам дека процесот на прилагодување на Националната платформа и онлајн наставата ќе биде брз и лесен за сите чинители на учењето на далечина“, додава Николова.
Ангела Петровска