Categories

ПЕРСПЕКТИВИ 2019 Николовска: Не знам како заробена држава со вакво судство ќе се одзароби

„Десет години заробена држава доведоа до состoјба каде секој граѓанин, дали е вклучен во општествениот и политичкиот живот или не е вклучен, очекуваше многу повеќе. Она што можам да го кажам од моја перспектива е дека навистина многу се работеше во секој сегмент. Не можеше и необјективно беше за една година да се очекуваат огромни резултати. За мене е битно дека процесот почна, стравот кој што беше присутен кај граѓаните сè повеќе се минимизираше со нивното активно учество… граѓаните почнаа не само да критикуваат за претходната власт, туку да ја критикуваат и сегашна власт“, изјави Маргарита Цаца Николовска, судијка на Уставниот суд во Босна и Херцеговина и поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права, во разговор со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.

Николовска смета дека ако зборуваме за конкретни чекори минатата година на сегашната власт, многу закони се донесени, но постојано се луташе во изготвувањето на законите. Сепак, додава таа постигнувањето на двата договори со Бугарија и Грција е храбар потег кој би требало да резултира со влез на Македонија во НАТО и ЕУ.

Судството претрпе критики за 2018 година од нашата соговорничка. Како експерт во таа област, Николовска смета дека, настрана донесените закони врзани со судството, самата работа на судиите не преживеа никакви промени што беа очекувани.

„Заробена држава без никакви промени во самото правосудство не можам да сфатам како ќе се одзароби. Можеби во одреден временски период ќе изгледа дека нешто се случува, но генералната слика за судството дури е и полоша од порано. Мора нешто државата да направи за да покаже дека се бори со судството, со оној сегмент што ја отслукува негативност и придонесува за недовербата на судството“, изјави Николовска.

За 2019 година Маргарита Цаца Николовска очекува дека ќе се зголеми довербата во судството, дека ќе има многу повеќе активности во оваа насока, ќе се носат поквалитетни закони и дека ќе има могу поквалитетно размислување во насока на она што се нуди, односно дебати, квалитетни и аргументирани.

„Фокусот треба да биде насочен кон одговорноста на сите тие сегменти што учествуваа во процесот за кој добивме оцена заробена држава. Ние имаме ситуација заради пасивност да биде разрешен само државниот јавен обвинител. Ние немаме состојба на санирање на последиците заради таквото однесување на одредени лица…“, смета Николовска.

Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email