Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, за ЦИВИЛ МЕДИА изјави дека насилсниците не се и не може да бидат уставобранители. Неговата изјава ја пренесуваме во целост:
„Денеска, четири години од упадот во Собранието на 27 април, се уште се свежи сеќавањата на тој крвав четврток и велиме да не се заборави за никогаш да не се повтори. Се уште ја паметиме неизвесноста, тензиите, насилството, дупнатите глави… ама и одлучноста да не отстапиме од борбата за подобра иднина на народот, дури и кога нашите животи беа загрозени.
На тој 27 април целата јавност, а најмногу ние присутните во Собранието, видовме до каде може да отиде омразата, поделбите, желбата за пресметка со оние кои мислат поинаку. Државата беше на раб на граѓанска војна само затоа што режимот не сакаше да си замине од власта која ја злоупотребуваше цели 11 години.
Ја добивме битката на 27 април, насилството беше поразено, победи доброто над злото. Денес, четири години подоцна државата ослободена од режимот чекори напред, веќе не сме држава со неизвесна иднина како на тој 27 април, туку држава членка на НАТО со јасна перспектива во ЕУ.
Денес нема погазување на човековите права и слободи, нема пресметки со неистомислениците, денес има дијалог почитување и постојано унапредување на слободата, демократијата и правата на граѓаните. Конечно, денеска има правда и правичност. Но, за жал денес четири години подоцна, од ВМРО-ДПМНЕ ја гледаме истата насилничка матрица, истата реторика на омраза и поделби, одбрана на насилство….што е доказ дека оваа партија воопшто се нема променето. Наместо оградување, наместо извинувања и осуда ова ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски застана зад насилниците кои упаднаа во Собранието, застана зад лицата кои се сомничат дека се организатори и кои чекаат судска разрешница.
Насилниците не се и нема да бидат уставобранители. Секој што прекршил закон има да одговара. Ние, како одговорна, државотворна партија нема да дозволиме никогаш да се заборави и никогаш повеќе да се дозволи ваков нов црн датум во македонската историја“ – изјави Љупчо Николовски за ЦИВИЛ.