Државната комисија за спречување на корупција може да води постапки само против актуелните функционери и тоа додека се на функција. Тука, вклучувајќи ги и судиите, обвинителите и останатите именувани и избрани функционери и затоа ги имаме слабостите токму на системот коишто треба да ги отстраниме преку нови начини и алатки, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за промоција на владината кампања „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“.
Досега, посочи Николовски, немаме ниту една постапка која што е покрената од ДКСК.
Токму затоа имаме примери многу и во рамки на кривичните постапки и она што моментално го дискутираме во рамки на работната група на Советот на Европа, каде што се претставници на сите институции, токму се подвлечени слабостите особено во кривичните постапки каде што воопшто не доаѓа до конфискација на имотот. Од тие причини за првпат покренуваме иницијатива, дебата, ова ќе го отвориме во пошироката јавност токму за една граѓанска конфискација на база на компаративните анализи коишто ги направивме. Значи, конкретно Владата направи компаративна анализа со Советот на Европа. Тоа е целосна студија на сите земји од регионот и ЕУ и ние треба да го избереме моделот токму на проверката и на олеснување на самата конфискација, изјави Николовски.
На прашањето дали ќе има „механизам за конфискација на имот на судија или јавен обвинител, ако се утврди случај каде имале корист од поднесува обвинителен акт или донесување пресуда“, Николовски одговори дека во периодот што следи ќе отворат широка дебата за најавените механизми.
Знам дека јавноста сега е заинтересирана и ова е прашање навистина го привлече вниманието, во моментот има сериозни слабости во целокупниот систем. Ќе има одреден лимит на кој ќе се проверува, така што и законот ќе се применува за сите граѓани без оглед дали се обвинители, судии, дали биле обвинители или судии. Ние мора системски да ги решиме работите. Токму затоа ќе отвориме таква дебата и работиме многу макотрпно токму на тоа системско решение, посочи Николовски.
За тоа до каде е Законот за конфискација на имот и кои институции ќе проверуваа и врз основа на што, Николовски рече дека, обезбедена е финансиска, експертска, техничка поддршка токму за Законот за потекло на имотот од Советот на Европа и сега работната група има драфт предлог којшто ќе го презентира пред Владата.
Очекувам широка поддршка од граѓаните, широка поддршка од политичките партии, од сите чинители за да навистина покажеме една сериозност во борбата против корупцијата и да го направиме она кое што граѓаните го очекуваат – да ја вратиме довербата во институциите, во системот, младите да ни останат тука, тие што заминале да се вратат заради тоа што навистина со оваа и со многу други мерки ќе покажеме дека има ред, има владеење на правото, дека законот важи за сите и ова ќе бидат дополнителни инструменти во тој поглед. Меѓутоа, апелирам да сочекаме токму таа конечна драфт верзија Советот на Европа да ни ја презентира, изјави Николовски.