Последниот рок за распишување локални избори истекува денеска. Според Изборниот законик, од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90, ниту помалку од 70 денoови. Право да распише избори има само претседател на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.
За да се одржат изборите во првата половина на мај, Собранието треба да ја продолжи конститутивната седница, за да се избере претседател на Собранието и тој да ги распише изборите.
Бидејќи ниту една од парламентарните партии не поднесе барање за свикување седница за избор на органите на Собранието, сè поизвесно е дека локалните избори ќе бидат одложени.
На 30-ти декември беше одржана првата седница на новиот собраниски состав на која беа верификувани мандатите на пратениците, но не беше избран и претседател на Собранието.
Според експертите, Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат. Единствен предуслов е да се избере претседател на парламентот.