Во контекст на самитот во Тирана на лидерите на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, Институтот за студии на Средниот Исток и Балканот (ИФИМЕС) објави анализа на актуелната политичка ситуација на Западен Балкан.
Аналитичарите на ИФИМЕС сметаат дека иницијативата „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива за Балканот за 21 век, бидејќи ќе ги елиминира граничните контроли и другите бариери со цел да го олесни движењето (луѓе, стоки, капитал и услуги) во регионот, ќе им овозможи на граѓаните да патуваат користејќи само лична карта како патна исправа. Понатаму, иницијативата ќе им овозможи на граѓаните да се вработат каде било во регионот, доколку имаат доказ за нивните квалификации, како и да се обезбеди признавање на дипломите и подобра соработка во борбата против организираниот криминал и одговорот на природните катастрофи.
„Искуството со пандемијата Ковид-19 ја покажа важноста на соработката, а актуелната енергетска криза важноста на меѓусебната солидарност. Размената на искуства и пружената помош меѓу земјите од регионот во рамките на интеграцијата во ЕУ е драгоцена“, пишува во анализата на ИФИМЕС објавена денеска на веб-страницата на оваа организација.
Земјите од Западен Балкан треба да воспостават посилна политичка, економска, научна, културна, спортска и секоја друга форма на соработка и да дејствуваат кон ЕУ како група на земји со јасно дефинирани барања и интереси.
„Што се однесува до процесот на проширување на ЕУ, неопходно е да се дефинира кога всушност ќе се случи проширувањето, бидејќи ЕУ не може бескрајно да го одложува проширувањето. Во овој контекст, важно е да се нагласи дека регионалната соработка не подразбира дека земјите од регионот се откажале од својот европски пат и членството во ЕУ“, се вели во анализата на ИФИМЕС.
Во своето функционирање, иницијативата „Отворен Балкан“ може да се потпира на искуствата од соработката во таканаречената Вишеградска група на држави (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка), кои често следат заеднички пристап во рамките на ЕУ со јасно артикулирани барања и ставови, сметаат во ИМФИМЕС.
„Вишеградската група (В4) беше формирана за соодветните земји полесно и побрзо да станат членки на ЕУ и НАТО, што и го постигнаа. Затоа, важно е земјите од регионот да продолжат со заеднички пристап кон ЕУ и/или други надворешнополитички иницијативи со еден глас, бидејќи активностите на поединечни земји се недоволни и не гарантираат успех“, се посочува во анализата.
Аналитичарите сметаат дека Косово е најизолираната област во Европа. нема безвизен режим со земјите членки на ЕУ, а ни безвизен режим со Босна и Херцеговина, што предизвикува огромна штета на Косово и неговите граѓани.
„Косовските лидери мора да бидат свесни за фактот дека мора да се воспостави соработка и да се изгради заедништво во регионот, бидејќи на глобалната сцена актери се регионите, а не државите. ЕУ е регионална интеграција, додека „Отворен Балкан“ е економски кластер во тој правец. Веќе не е прашање дали, туку кога преостанатите земји ќе се приклучат на иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи секое одложување ќе значи огромни загуби за нивните економии и бизнисмени, кои како даночни обврзници плаќаат најмногу во буџетите на нивните земји. Неприфатливо е Косово да прогласи 20-месечна вонредна состојба поради недостиг на електрична енергија, наместо да може да бара помош на солидарни бази во рамките на „Отворен Балкан““, пишува во анализата.
Според ИФИМЕС, не може да има економски просперитет, доколку не се развиваат и негуваат добрососедските односи. Лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија беа целосно свесни за тоа кога ја започнаа регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ во историски обид да промовираат блискост, соработка и заедништво, велат анлитичарите на оваа организација.
„Изгледите на Западен Балкан се во меѓусебно разбирање, меѓусебна поврзаност и соработка. Постигнувањето на трите бара траен мир и стабилност. Кога сите шест земји од Западен Балкан ќе продолжат со заеднички пристап и ќе зборуваат со еден глас кон ЕУ, тоа ќе претставува нов квалитет и сила. Бројни можности за синергија и соработка останаа неискористени. Економијата на обем е важен елемент во контекст на регионалната соработка. „Отворен Балкан“ е економски кластер во создавање и ќе создаде конкурентна предност за земјите-членки и регионот. „Отворен Балкан“ е мировен проект. Тоа е избор помеѓу минатото и иднината“, се вели во анализата што ја објави денеска Институтот со седиште во Љубљана.
Ц.Д