Меѓународно лиценцирана лабораторија од Солун потврди дека гевгеличани сé уште пијат вода со присуство на отровниот елемент – арсен. Според истражувањето на солунската лабораторија, во еден литар гевгелиска вода се регистирани 18 микрограми арсен!
Во своето соопштение, „Арсена“ – граѓанска иницијатива која со години наназад алармира за отровите во водата за пиење, вели дека резултатите од најновите анализи покажуваат присуство на 80% поголема концентрација на отровниот металоид од стандардите на Светската здравствена организација и Правилникот за квалитет на води на Република Македонија, пропишан од 2008 година!
„Изминативе години, Општина Гевгелија и локалното комунално претпријатие ги негираа странските резултати како неточни, упатувајќи дека тие се некомпатибилни со анализите на Институтот за јавно здравје на Република М, кое пак, од 8 март минатата година, одби да врши анализа на водата од Гевгелија за потребите граѓанската иницијатива ‘Арсена’, со образложение дека водата е токсична и нема потреба да се прават и понатаму анализи. Извештајот за физичко-хемиската анализа на примерок вода од градскиот водовод во Гевгелија е направен според меѓународни стандарди на ЕУ, според ISO 17025, со употреба на методот ‘O.B.01.040 ICPMS 3125 A,B Mod. St.Met’. Ова е трета анализа што ‘Арсена’ ја прави во странска лабораторија во изминатите 10 месеци, што значи, на сите тримесечни анализи присуството на арсенот во здравствено недозволиви количини е потврдено“, се вели во соопштението на „Арсена“.