Реконструкција на владата
Како што најави премиерот, тој веќе ги има имињата на новите министри и функционери за реконструираниот владин кабинет.
Премиерот Заев вчера изјави дека разрешувањето на Беља не го разнишало партнерството меѓу СДСМ и ДУИ, додавајќи дека меѓусебната доверба со Ахмети е многу голема.
Прв во реконструкцијата беше опфатен екс министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој сега ќе биде Генерален секретар на СДСМ.
Неофицијално, имињата за кои најмногу се зборува дека ќе се сменат се министерот за животна средина, Садула Дураку, министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски и министерката за правда, Рената Дескоска.
Советници
Премиерот Зоран Заев има вкупно 39 надоврешни соработници во речиси сите области од дипломатија, економија и регионална политика, па до спорт, односи со јавноста и социјала. На списокот советници се познати лица за јавноста, некои како истакнати професионалци, а други со контраверзна приватна и професионална позадина.
ИРЛ (Истражувачка репортерска лабараторија) објави список на сите 39 надворешни советници на Заев, со опис на нивната работа и месечниот надоместок. За сите советници во моментот се одвојува 307.000 евра годишно.
„Бомби“
Веќе неколку дена на Фејсбук, корисникот Ел Чека објавува нелегално прислушувани материјали во кои главни соговорници се функционери од ДУИ. Само утринава, Ел Чека има објавено неколку „бомби“, а најавува и дека наредниот период ќе продолжи со истото темпо.
„Сега Али Ахмети, Муса Џафери, Беќир Хасани и многу други ќе ја разберат мојата посветеност на ова прашање. Ќе ги објавувам датотеките и снимките што ги имам, во консултација со мојот адвокат, за сите, а потоа ќе ги испратам до ЦИА и Американската амбасада во Скопје. Или ќе бидат затворени за криминалци, или Заеви ќе падне!“, пишува Ел Чека.
Објавувачот на бомбите, кој се наоѓа во Чикаго, не го крие својот идентитет, и постојано објавува фотографии од себе, за да како што вели, убаво го видат сите.
Безбедност
Претседателот Стево Пендаровски денеска на првата посета на МО и Генералштабот на Армијата, изјави дека не очекува последните тензии во Косово да имаат влијание на безбедносната состојба во земјава.
„И да има тензии во иднина во Косово со сличен карактер, профил или слични пропорции, тие нема да бидат такви, за да ја загрозат околината на Косово, особено нашата држава“, изјави Пендаровски.
Тој информира дека надлежните институции деновиве и во изминатите недели будно ја следеле состојбата на северната граница и според сите информации тензиите таму одат во надолна линија. Според него, тоа се проценките на надлежните служби на КФОР на Косово, на клучните меѓународни фактори и на нашите институции кои соработуваат со нив.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска му беше домаќин на претседателот Пендаровски, истакна дека и ние и целиот регион сме свесни дека нарушувањето на безбедноста кај нашите соседи секогаш има негативни последици. „Наместо само да стравуваме, ние како држава и како Влада решивме да дејствуваме“ рече Шекеринска.
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ ја организира трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО, посветена на истоимената иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите. Трибината ќе се одржи на 5 јуни (среда) во клубот Менада (Стара Чаршија), со почеток во 17 часот. Трибината ќе биде пренесувана во живо на социјалните профили на организацијата.
Анкета – „Политичарите имаат премногу привилегии, но не само тие, туки и нивните помошници и извршители. Пример некој министер си ја вработил сестрата, но неговиот шофер си ја вработи цела фамилија, како успеал во тоа“, вели еден граѓанин. На прашањето што мисли за поднесената иницијативата на ЦИВИЛ – Центар за слобода со кое се бара намалување на привилегиите на функционерите, тој додава дека е добар чекор тоа што ЦИВИЛ поднеле барање до Собранието. „Постојано слушаме дека некој фунционер украл неколку милиони, па има некакво судење, па ослободување и така завршува сè. Ние ги избравме на избори за да работат добро за народот, меѓутоа тие си гледаат само за себе и ништо повеќе“, додава тој.