„Функционерите претераа со привилегиите и трошењето на парите на граѓаните. Тоа е безредие и порано старите го викаа башибозук. Ова безредие е катастофа. На народот му е веќе преку глава“, вели еден граѓанин на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Што мисли за привилегиите на функционерите.
„Политичарите имаат премногу привилегии, но не само тие, туки и нивните помошници и извршители. Пример некој министер си ја вработил сестрата, но неговиот шофер си ја вработи цела фамилија, како успеал во тоа“, вели еден граѓанин. На прашањето што мисли за поднесената иницијативата на ЦИВИЛ – Центар за слобода со кое се бара намалување на привилегиите на функционерите, тој додава дека е добар чекор тоа што ЦИВИЛ поднеле барање до Собранието. „Постојано слушаме дека некој фунционер украл неколку милиони, па има некакво судење, па ослободување и така завршува сè. Ние ги избравме на избори за да работат добро за народот, меѓутоа тие си гледаат само за себе и ништо повеќе“, додава тој.
Една граѓанка е скептична и смета дека функционерите нема да ја прифатат иницијативата на ЦИВИЛ за намалување на привилегиите. „Преку глава ми е од политика, се знае дека секој што доаѓа на функција ќе си има привилегии, а обичниот народ нема што да прави“, истакна таа.
„Безобразно и претерано се трошат парите на граѓаните. Толку ли пари има државата за да се земаат, тоа е невидена работа. Ја подржувам со цела душа и срце иницијативата на ЦИВИЛ да се намалат привилегиите на функционерите, бидејќи политичарите гледаат само привилегии и ништо друго“, потенцира еден граѓанин.
Дехран Муратов
Камера и монтажа: Ариан Мехмети