Според резултатите од првиот круг на Локалните избори во Република Северна Македонија, кој се одржа на ден 16.10.2021 година, поради мала излезност, односно поради неисполнување на законскиот услов за излезност на гласањето, изборната постапка ќе се повтори во две општини, Центар Жупа и Маврово-Ростуше.
Во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник, во општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше, не е обезбеден потребниот цензус на излезност од една третина (1/3) од вкупно запишаните гласачи во единствениот избирачки список, што, во смисла на член 132 став 2 од Изборниот законик, е причина за повторување на изборната постапка во овие две општини.
Имено, во првиот круг од локалните избори, излезноста во Центар Жупа беше 32% (од вкупно 10.144 запишани избирачи со право на глас, гласале 3.246, а 125 ливчиња биле неважечки), а излезноста во Маврово-Ростуше беше 25,78% (од вкупно 7.317 гласачи, гласале 1.886).
Во ваков случај, согласно член 134 од Изборниот законик, по добивање на известување од Државната Изборна Комисија (ДИК), Владата во рок од 15 дена именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот и го известува Собранието заради распишување на нови избори за градоначалник во општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше.
Сандра Гавриловска
Експертски борд на ЦИВИЛ