Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасковски денеска пред новинарите потврди дека двајцата царински работници кои го посетија бившиот премиер Никола Груевски во Будимпешта се прераспределени на други работни места.
„Следува внатрешна истрага, доставување на извештаи, отворање на постапки. Не би сакал да прејудицирам каков ќе биде резултатот од таа постапка, но си течат и ќе се одвиваат во наредните недела-две, да не вршиме притисок“, изјави Танасковски.
Тој додаде дека едниот посетител е преместен од работно место архива во магацин, а другиот е оставен на исто ниво како и претходно, но има друго работно место.
Еден од посетителите е Александар Траковски кој на 11 декември 2018 година се појави на фотографија на социјалните мрежи, а својата посета ја оправда со посета на специјалист во Будимпешта, бидејќи имал проблеми со синусите, а во Македонија не можеле да му постават дијагноза. Тој е обвинет во случајот на СЈО „Насилства и шамари во Центар“.
Вториот царински службеник го искористил својот годишен одмор за посета на Груевски во Будимпешта, и за него е во тек проверка во Царина.
Ј. М. П.