Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека денеска (вторник) ќе започне процесот на пребројување на гласовите за кандидатите за пратеници, пренесуваат косовските медиуми.
Од ЦИК најавија дека во текот на овој процес ќе се верификуваат резултатите на политичките субјекти, предвидено со Изборната регулатива на ЦИК за општинските пребројувачки центри.
Од таму најавија дека по завршувањето на овие процедури ќе се врши пребројување на гласовите од дијаспората, условните гласови, инвалидите и други аспекти.
ЦИК до сега ги преброи гласовите на 99,17 отсто од избирачките места. Од 2533 избирачки места, обработени се 2512 избирачки места.
Според досегашните прелиминарни резултати на ЦИК, Движењето Ветевендосје води со 40,83 отсто од гласовите, потоа ДПК со 22,15 отсто и ЛДК со 17,59 отсто.
Коалицијата ААК-Нисма-Конзервативци-интелектуалци е на четврто место со 7,47 отсто од гласовите.
Српска листа доби 4,43 отсто од гласовите, а Коалицијата за семејството 2,26 отсто.
Во прелиминарните резултати на ЦИК не се вклучени условните гласови, оние на лицата со попреченост и гласовите од дијаспората.
Д. Т.