Апелациониот суд денеска одржа неколку седници на коишто се разгледуваа жалбите на Специјалното јавно обвинителство, по Одлуката на Кривичниот суд да ги одбие нивните барања за притвор на обвинетите во случаите што ги отворија, а на кои им беа одредени поблаги мерки.
Во случајот „Триста“, на суд се појави Ѓоко Поповски, помошник-министер во МВР, обвинет за набавка на 300 полициски возила.
Поповски остана на изјавата дека не е виновен и дека работел по одлука на Комисијата за јавни набавки за набавката на возилата. И покрај барањето на СЈО за притвор, Поповски изјави дека редовно се јавувал за време на целата постапка пред СЈО и освен што планира одмор со семејството, нема намера за бегство.
За „Тотал“ и „Тревник“ се појавија Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа, а Ивона Талевска – за случајот „Титаник“.
Одбраната на Ивона Талевска побара да бидат укинати мерките на претпазливост, односно да ѝ биде вратен пасошот што ѝ го одзеде судот. Редовното јавување во СЈО, но и проценките дека е вработена и не може да избега, се аргументите на одбраната за смена на судската мерка на претпазливост.
На седницата за случајот „Тарифа“ се обвинети три лица за злоупотреба на службената положба и овластување.
СЈО на почетокот од овој месец поднесе жалба до Апелација за одлуката на Кривичниот суд, да нема притвор за ниту едно лице од 18 подесени обвиненија!
Поблагите мерки подразбираа одземање на македонскиот, а на дел од обвинетите и на дипломатскиот пасош.
Вчера во Апелациониот суд се разгледуваа и жалбите за случајот „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, за кои СЈО исто така бараше мерка притвор.