На веб-страницата на БИА е објавен извештајот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Руската Федерација за наводна употреба на звучен топ на протестот одржан на 15 март 2025 година во Белград. Тие наведуваат дека „врз основа на добиените резултати може да се донесе категоричен заклучок дека на протестот не биле користени акустични уреди од типот емитер LRAD што ги поседуваат полициските власти на Србија“, јавија српски медиуми.
Во извештајот на ФСБ се заклучува дека „не биле користени акустични уреди за разбивање на учесниците на митингот“ и дека (како што тврдат тие) „постојат јавни индиции за насочена провокација, со учество на специјално подготвена група на лица и употреба на паметни телефони за синхронизирање на движењата со имитација на ефектот на акустичниот топ, а исто така и блокирање на брзата помош“.
Пензионираниот професор на Филозофскиот факултет во Белград, Жарко Кораќ оцени дека извештајот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) за употребата на звучно оружје на протестот во Белград на 15 март е напишан по сталинистички принцип дека не е важно што е вистина, туку што и треба на државата.
Кораќ за порталот Данас изјави дека „вистината во сталинизмот е променлива категорија“ и дека државниот интерес, во овој случај рускиот политички интерес, е српскиот претседател Александар Вучиќ „по секоја цена да остане на власт“.
„Овој извештај одлично го илустрира она што денешната руска влада мисли за Србија. Според нив, јасно е дека тоа е домен на необразовани луѓе кои не можат да размислуваат и кои ќе веруваат во сè што ќе им каже Русија, вели Кораќ.
Д. Т.