На првиот круг од Локалните избори 2025 во Општинската изборна комисија (ОИК) Градско, при процесот на предавање на записниците и изборниот материјал од сите избирачки места, беше евидентирано дека на избирачкото место 2223 во Градско, недостасуваше печатот што се става на ливчињата за гласање. Членовите не можеа да го пронајдат. На крајот беше составен службен записник во кој официјално се констатираше дека недостига печатот.
За време на целиот процес, во просториите на ОИК Градско, покрај набудувачот на ЦИВИЛ, постојано беа присутни и претставници на ОБСЕ, кои го следеа предавањето и проверката на материјалот. Процедурите завршија околу 23:20 часот.
Иако предавањето на изборниот материјал во Градско генерално течеше во ред, недостигот на службениот печат на ИМ 2223 претставува сериозен пропуст што бара дополнителна проверка и одговорност. Присуството на ОБСЕ набљудувачите го зголеми надзорот, но случајот со исчезнатиот печат останува клучен сигнал за потребата од поголема контрола и транспарентност во изборниот процес.
Овој текст е дел од серијалот со заеднички наслов „Од бележникот на набљудувачот на ЦИВИЛ“ со што на јавноста ѝ се откриваат детали за текот на изборниот процес низ илустративни примери за случувањата и состојбите.
ЦИВИЛ излезе на терен со 60 акредитирани мобилни изборни набљудувачи, додека состојбите во изборен контекст се следеа подолго време, односно интензивното долгорочно набљудување на изборниот процес започна на почетокот на август. На овие избори, организацијата бележи и зголемен број пријави и од граѓанките и граѓаните кои пријавуваа изборни нерегуларности или се јавуваа со прашања поврзани со нивното право на глас.
Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е дел од проектот „Демократски навигатор“ кој претставува одговор на дезинформациите и хибридните закани, поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. ЦИВИЛ го спроведува проектот во соработка со партнерските организации и коосновачи на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (DDGI). Една од компонентите на проектот е токму изборниот мониторинг по чие завршување организацијата ќе објави детален извештај, анализа и стратешки препораки до институциите, јавноста, и меѓународната заедница.
Дехран Муратов












