Вчера премиерот Христијан Мицкоски ширеше лаги за наводни „куфери со пари“ од поранешен премиер на Бугарија за поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, а денес ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нови тврдења за наводен УСБ стик.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче да одговори на тврдењата дека поранешниот премиер Зоран Заев му понудил прислушкувани материјали на бугарски премиер и шема за купување две големи фирми, од кои едната телевизија.
„Венко Филипче е алатка во планот на Заев. Неговата резолуција е продолжеток на планот за потчинување на државата во однос на Бугарија. Се е јавно и јасно, и народот ќе го казни на избори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Реакција на СДСМ: Наместо решенија и проекти, ВМРО-ДПМНЕ нудат само црна кампања против опозицијата
СДСМ го обвини пратеникот Петрушевски дека преку лаги се обидува да ја скрие вистината за ВМРО-ДПМНЕ.
„Година и пол неспособните од ВМРО-ДПМНЕ ја замајуваат јавноста со хибридни напади, дронови и измислени афери кои пропаднаа една по една. Наместо решенија и проекти, тие нудат само црна кампања против опозицијата“, стои во соопштението.
СДСМ најави дека ќе продолжи да ги разобличува лажните и лицемерни политики на ВМРО-ДПМНЕ и нема да влегува во калта во која тие се чувствуваат комотни, туку ќе се фокусира на реалните проблеми на граѓаните – платите, партизацијата, блокираните реформи и корупцијата.
И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вчерашната граѓанската трибина во општина Центар го коментираше однесувањето на актуелната власт и негативната кампања што ја води ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ.
„Сведоци сме на одвратна лажна и црна кампања против СДСМ која ја водат од првиот ден на власт. Ова е одраз на нивната немоќ и неспособност, а целта е да се прикријат нивните лоши намери за иднината на земјата“, рече Филипче.
Тој додаде дека власт која води негативна кампања не се грижи за напредокот на државата, не сака дијалог и компромис, туку се храни од поделби, сиромаштија и корупција.
„Јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност“, порача Филипче.
ТИМ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)