Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје, го обвини претходното градско раководство дека платило сума од над 75.000 евра за изработка на официјален веб портал на градот кој никогаш не профункционирал во целост.
Тој нагласи дека Град Скопје ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во градската адиминистрација.
Тој објасни дека пријавените Никола Трајковски, Ваљон Салиху и Викторија Аврамовска Мадиќ искористувајќи ја својата службена положба потпишале и одобриле исплата на вкупната вредност на договорот во износ од 4.717.640 денари или над 75.000 евра за услуга која не е целосно извршена и испорачана на Град Скопје согласно договорот, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Град Скопје.
Од СДСМ со соопштение категорично ги отфрлаат овие обвинувања. Според нив, градоначалничката Арсовска продолжува да измислува скандали и афери во обид да ја сокрие сопствената неспособност и неработење.
Згора на се, истите лажни афери Арсовска ги објавува на веб страницата на Град Скопје за која вели дека не постои, потенцираат од СДСМ.
Очигледно е дека веб страницата на Град Скопје функционира: https://skopje.gov.mk/. Тоа што проектот се реализира во фази не е кривично дело, напротив.
Арсовска треба да одговори на граѓаните зошто објавила тендер за хостинг и одржување вреден речиси 10.000 евра и дали тоа не е премногу за овој вид услуга?, прачуваат од СДСМ.
Од таму истакнуваат дека договорот е јавно достапен на Биротот за јавни набавки:
https://e-nabavki.gov.mk/File/DownloadContractFile?fileId=00d33fe0-7d50-4428-81c8-c4cb9e47f69a
Едно е јасно, секогаш кога Арсовска ќе биде фатена во лага, таа преку институцијата со која раководи поднесува неосновани кривични пријави и измислува афери.
Градоначалничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ наместо да работи на реализација на мерки и проекти, таа бара оправдувања, се крие зад соопштенија и неосновани кривични пријави.
Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје и ниедна измислена афера тоа не може да го сокрие, велат од СДСМ.