Со свечена церемонија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одбележа Денот на независноста на Украина која ги обедини обедини дипломатите, украинската заедница и пријателите на Украина во заедничка порака на слободата и отпорноста.
Интонирани беа химните на Украина и Северна Македонија, а потоа следуваше минута молк за паднатите херои на Украина.
Во своето обраќање, амбасадорката на Украина во Скопје, Лариса Дир потсети на тешката борба на својот народ.
„Нашите војници држат фронтовска линија долга 1.300 километри. Украина посакува мир повеќе од кој било друг, но за тоа ни е потребна поддршка,“ порача таа.
Амбасадорката ја истакна надежта дека заедно со своите партнери, меѓу кои и Северна Македонија, Украина ќе ја извојува праведната битка.
„Независноста е суверенитет, тоа е право на слободен избор. А тоа е она за кое ние се бориме секој ден,“ додаде таа.
По обраќањето на амбасадорката Дир, Бискупот Киро Стојанов одржа молитва за Украина.
„Во војната нема победници, сите се губитници,“ рече Бискупот по молитвата, потсетувајќи дека мирот не е алтернатива, туку единствена опција за човештвото.
Претседателот на украинската заедница во Северна Македонија, Олександр Урбанович во своето обраќање ја истакна болката на својата татковина.
„Наместо со радост, веќе три и пол години независноста ја славиме со тажни срца. Милиони Украинци се раселени, илјадници мајки нема да ги дочекаат своите деца,“ рече тој. Урбанович искрено се заблагодари на Македонија и на европските сојузници што, како што истакна, „ѝ даваат сила на Украина да опстане“.
Културниот дел од програмата го отвори украинскиот пијанист Игор Панченко кој се претстави со пијано-рецитал.
Потоа присутните можеа да ја погледнат поставената изложба „Пред/После“ на Украинскиот институт, која сведочи за уништеното културно наследство на Украина како резултат на руската агресија.
Украинската амбасада и нејзините партнерите ја искористија оваа пригода за да ја поддржат и промовираат кампањата за прибирање финансиски средства, иницирана од украинското МНР и платформата UNITED24. Кампањата е насочена кон набавка на спасувачки роботски системи, кои ќе се применуваат за евакуација на повредени, доставување залихи и деминирање во најопасните региони.
Фото: Цивил Медиа