Еврејската заедница во земјава и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, денеска во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија го одбележаа Националниот комеморативен ден на Холокаустот и херојството на Државата Израел – Јом Ашоа, пренесува МИА.
Според хебрејскиот календар, на овој ден се одбележуваат сеќавањата на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и е комеморативен ден за шест милиони Евреи убиени во Холокаустот.
– Денот на востанието во Варшавското гето е национален празник на Државата Израел, прогласен како Ден на Холокауст, ден на хероизам на еврејскиот народ во окупираната Европа. Во срцето на Европа, 700 Евреи од Варшавското гето храбро застанаа да се борат, штитејќи се. На овој датум група млади Евреи се спротиставија на германскиот окупатор, на германскиот фашизам. Таа борба траеше околу три недели и заврши со колективно убиство на сите оние кои учествуваа во одбрана на Варшавското гето, изјави претстедателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви.
На одбележувањето покарај останатите, присуствуваа и дипломати и владини претставници.
По повод настанот во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, беше отворена изложба насловена „Роденденски честитки за сите непрославени родендени“, како дел од проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи“, а беа запалени и шест меморијални свеќи.