Владата на Република Македонија утре организира јавна расправа за предлог-амандманите за уставните измени на Универзитетот „Кирил и Методија“ во Скопје. Дебатата ќе трае пет дена низ државните универзитети во Македонија.
По вчерашното усвојување на нацрт – амандманите, покрај воздржаните гласови на новата пратеничка група на ВМРО -ДПМНЕ со очекување дека јавната расправа да ги зацврсти нивните аргументи што се однесуваат на уставните промени, се очекува собраниското тело за помирување и интеграција да излезе со конкретни резултати.
Состанокот е одложен поради отсутво на пратениците од кои дел беа повикани во Обвинителството за организиран криминал да сведочат за изборот на Талат Џафери за спикер.
Одговорност
Отчетност и одговорност од функционерите што дозволија бегство на Никола Груевски побараа 14 невладини организации. Тие ги посочија Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање и Кривичниот суд за што се неопходни итни и темелни истраги за нивното постапување.
Организациите побараа истрагите итно да завршат, и тоа во рок од 10 дена, и да се утврди одговорност за пропустите, евентуалното непостапување или соучество. Во спротивно се бара политичка одговорност на највисоките функционери. Исто така, граѓанските здруженија апелираа да не се поткопува ЕУ перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото.
Затвори
Советот на Европа денеска објави два извештаја од кои првиот за еволуцијата на ситуацијата во европските затвори од 2005 до 2015 година, а вториот за еволуцијата на престапниците – странци кои се наоѓаат во затвор или на условна казна од 2009 до 2015 година. Од нивните податоци произлегува дека Република Македонија е меѓу европските земји со највисока стапка на затворање.
Извештајот содржи и информативен лист за секоја администрација во затворите, придружен со клучните податоци и табели кои ја прикажуваат еволуцијата на 17 индикатори, како и релативното рангирање на секоја земја (ниско, средно или високо ниво за секој индикатор) во споредба со 47. земји-членки на Советот на Европа, вклучувајќи ги и 28. земји-членки на ЕУ. Информативниот лист за Република Македонија се наоѓа на следната адреса: http://wp.unil.ch/space/files/2018/12/The-FYRO-Macedonia.pdf
ЕУ интеграции
Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на Република Македонија на денешната конференција во Брисел посветена на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, во сесијата „„ЕУ- Западен Балкан: се уште комплицирано“, истакна дека Македонија заслужува да ги започне преговорите за влез во ЕУ.
Како што изјави Шекеринска, сега е на ЕУ и НАТО да го исполнат својот дел од договорот, и дека во јуни одлуката нема да биде „комплицирана“ туку ќе биде јасен сигнал за Македонија.
Лидерство
Кога станува збор за загадувањето според извештаите на светските мерни институции Македонија вчера беше на четвртото место по загаденост во светот. Само во Скопје, како пример, ПМ10 честичките енормно ја надминаа дозволената граница на концентрираност.
Со сериозно аерозагадување се соочуваат и Битола, Куманово, Тетово, Кичево Гостивар, Кочани и Кавадарци. Сериозни мерки за спречување или намалување на загадувањето нема. Надлежните институции порачаа ограничено движење надвор, користење јавен превоз, правилно користење на печките за дрва…
Б. Јордановска