Во последното деноноќие се самопопишани повеќе од 20000 граѓани, државјани на Република Северна Македонија кои живеат во странство. Вкупната бројка на самопопишани граѓани од дијаспората, заклучно со денешниот ден е 121.520.
„Апелирам до граѓаните да се самопопишат, тоа е едноставна процедура и брзо се завршува. Податоците што се даваат се безбедни, максимално заштитени и ќе се користат само за статистички цели. Дополнителниот конкурс за попишувачи заврши во саботата и се пријавија над 2600 попишувачи, некаде 800 повеќе од потребното. Во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите потребни за работа на комисијата за пописните и обуките на реонските инструктори. Се оди по планот и нема одложување на никакви процедури“, изјави Јасмина Ѓорѓиева од Државниот завод за статистика.
Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски соопшти дека пописот е операција која е од витално значење на државата за да може да се прават стратегии за развој. Учеството во пописот е можност на секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина. Правиме се што е потребно за заштита на населението и имаме протоколи прецизни скроени за безбедно спроведување на пописот. Протоколот го изработи комисијата за заразни болести.
Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој.
„Учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција. Тие што ќе одбијат да се попишат ќе им биде почната прекршочна постапка, казните се до 300 евра“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Арсовски изјави дека одложувањето на пописот не е опција бидејќи е широка операција која се работела месеци наназад, преземени се сите мерки и ангажирани се сите капацитети на државата.
И. Крџиќ