Пациентот кој патувал од Милано и вечерта бил примен во Инфективната клиника не е заразен со коронавирус.
Тестирањето на лицето завршило и резултатите се негативни, информираа фицијалано од Министерството за здравство.
“Информираме дека се негативни на корона вирус резултатите на пациентот кој вечерва беше тестиран на Инфективната клиника во Скопје.
Будно ја следиме состојбата и во континуитет постапуваме по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска Министерството за здравство го подигна степенот на подготвеност на највисоко ниво. Се формира Кризен штаб во рамките на Министерството, а на сила стапија и нови зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени од корона вирус”, стои во соопштението на Министерството за Здравство.
Како што претходно најави ова министерство, во 22:00 часот на Инфективната клиника во Скопје бил приман пациентот со лесна клиничка слика, немал покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна. Се работи за лице кое денеска со попладневниот лет од Милано пристигнало во Скопје. Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. И самиот пациент, првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22:00 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот бил ставен во изолација, и веднаш се направиле тестови согласно утврдениот протокол, а кои на крај резултирале негативни.
А. Зеќири