ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со Општина Куманово организираше мултимедијален настан „Заедно за иста цел“ во Домот на културата „Трајко Прокопиев“ Куманово, во соработка со Општина Куманово, СВР Куманово, основните и средни училишта од Куманово, за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација против насилниот екстремизам.
Дваесетина учеснички и учесници од повеќе средни и основни училишта во Куманово учествуваа во креативната работилницата, што се одржа на 2 мај во Гимназијата „Гоце Делчев“. Преку боите, симболите и пораките, тие ги споделија своите мисли и доживувања за човековите права и слободи, мирот, ненасилството и безбедноста.
Делата на учесниците во работилницата, заедно со сите што учествуваа на ликовниот конкурс „Заедно за иста цел“ беа дел од изложбата на мултимедијалниот настан. Ликовниот конкурс траеше до 6 мај. Интересно е тоа што Работната група за превенција од насилен екстремизам што ја формираше ЦИВИЛ во Куманово на почетокот на оваа година, одлучи делата на ученичките и учениците што учествуваат на конкурсот да се доставуваат на адресата на Отсекот за превенција. Пристигнаа над 150 трудови од повеќето основни и средни училишта во Општина Куманово.
И членовите на Драмскиот клуб при Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово дадоа свое видување на тоа што за нив претставува екстремното насилство и како можеме да се бориме против него со своја сценска изведба.
Настанот го привлече вниманието на голем број луѓе, меѓу кои беа и високи претставници на локалната самоуправа, СВР Куманово, основните и средните училишта од градот, родители, наставниот кадар, меѓународни и домашни невладини организации, заинтересирани граѓанки и граѓани…
За сите учесници во проектот ЦИВИЛ додели и благодарници за нивниот придонес во промоцијата на мирољубиви и безбедни заедници. Исто така, ЦИВИЛ додели и петнагради за најуспешните трудови на конкурост за ликовни творби и една специјална награда за талент и уметничка експресија.
Посебна чест и задоволство на тимот на ЦИВИЛ претставуваше соработката и дружењето со младите и талентирани ученички и ученици чија креативност, мисла и визија сите ги остави без зборови.
ЦИВИЛ им се заблагодари на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам во Владата на Северна Македонија, Борче Петревски. Посебна благодарност ЦИВИЛите им упатија и на Координаторката на работната група за превенција на насилниот екстремизам во Куманово, Катерина Богдановиќ и на претставничката на Отсекот за превенција при СВР Куманово, Виолета Богдановска. Сепак, најмногу аплаузи и благодарност им беа упатени на младите.
Овој настан беше дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
Биљана Јордановска
Фотографии: Маја Ивановска