Либанската влада и централната банка се одговорни за финансиската криза без преседан во оваа земја, која го осиромаши мнозинството од населението, соопштија Обединетите нации, пренесе МИА.
Во извештајот, подготвен од специјалниот известувач на ОН за екстремна сиромаштија и човекови права, се наведува дека кризата е „предизвикана од неуспешните владини политики“. Земјата се повикува да го „смени курсот“.
Извештајот се објавува на само неколку дена пред парламентарните избори на 15 мај.
Од 2019 година, либанската валута загуби повеќе од 90 отсто од својата вредност во однос на доларот, цените се зголемија за повеќе од 200 отсто, а стапката на сиромаштија надмина 80 отсто од населението.
„Мизеријата предизвикана кај населението може да се смени од страна на раководството кое ја става социјалната правда, транспарентноста и одговорноста во срцето на своите постапки“, се наведува во документот.
Специјалниот известувач на ОН, Оливие де Шутер, го посети Либан минатиот ноември за да го процени влијанието на економската криза.
Девет од десет луѓе имаат потешкотии да управуваат со својот приход, а повеќе од шест од десет би се преселиле во странство доколку можат, се наведува во извештајот.
„Економската криза можеше да се избегне, но всушност таа беше предизвикана од неуспешните владини политики“, се додава во документот.
Во него, либанската Централна банка е обвинета за „сметководствени махинации во однос на загубите“. Тие тајно создадоа огромен државен долг што ќе им тежи на Либанците со генерации.