Генералното собрание на Обединетите нации ја одобри резолуцијата со која се бара од сите држави да ги запрат конфликтите и да учествуваат во примирје за време на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг во Јужна Кореја, следната година, јавува МИА.
Резолуцијата, која беше усвоена со удар на чекан од претседателот на Собранието, Мирослав Лајчак и поздравена со голем аплауз, ги повикува сите земји-членки да учествуваат во примирјето кое би требало да трае седум дена пред почетокот на Олимписките игри на 9 февруари, до седмиот ден по нивното завршување, на 18 март.
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах рече пред 193-членото тело на светската организација дека со оваа резолуција Генералното собрание „создава услови за сите спортисти да се натпреваруваат во мир”.
„Само земјите-членки на ОН можат да им гарантираат на спортистите сигурен пат на Олимпијадата. Тие им овозможуваат на сите олимписки натпреварувачи да го реализираат својот животен сон“, рече Бах.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.