Навивачите на бугарскиот фудбалски клуб Левски на мечот против македонскиот клуб Шкупи во Софија, истакнаа огромен број навредливи пароли за македонскиот народ и празникот Илинден во второто квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига. Навивачите на Левски најпрво истакнаа транспарент дека за нив „Илинденското востание е Велигден“ за потоа да цитираат мисла на Тодор Александров дека „Ако некој ми каже дека не сум Македонец ќе му го отсечам јазикот, а ако ми каже дека не сум Бугар – главата“.
Раководството на бугарскиот клуб Левски не го осуди говорот на омраза, туку им се заблагодари на навивачите за поддршката на реваншот против македонскиот тим Шкупи. Тимот од Софија победи со 1:0 против екипата од Скопје.
Левскари, ви благодариме за неверојатната поддршка на реваншот со ФК Шкупи. Не престанавте да бидете страсно зад тимот во текот на целиот натпревар и им дававте сила на играчите заедно да го коваат овој сладок и вреден успех. Уште еднаш докажавте дека сте 12-ти играч на Левски и покрај некои провокации направивме уште еден незаборавен „син“ празник. Ве очекуваме повторно на „Герена“ да му дадеме крилја на овој тим и да доживееме уште една незаборавна европска вечер!, соопшти клубот од Бугарија.
Шкупи немаше свои навивачи во Софија.
Д. М.