На прашањето на ЦИВИЛ поставено на Фејсбук страницата – Дали треба да се украси вашата општина за новогодишните празници, одговорија стотици граѓани кои дадоа свои идеи и иницијативи. Една од предлозите на една граѓанка е да се постават елки на плоштад каде што ќе можат дечињата да поставуваат играчки и лампиони, а по завршување на празниците елките да останат на истото место или да се пресадат на друго место. Ова е одлична идеја, со тоа што дечињата од сите етнички заедници ќе може да се дружат, а воедно и ќе биде добро за животната среднина, истакна Дехран Муратов на конференцијата на ЦИВИЛ „Зелените доаѓаат 2020“ за зелени вредности, социјална правда и антинационализам.
Конференцијата ја организираше ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, денеска, 19 ноември, во хотел Парк Резиденс.
Пред една недела (на 11.11.2020 година) ЦИВИЛ постави прашања до сите општини низ РС. Македонија – Дали оваа година ќе ја украсите вашата општина за новогодишните празници? Ако не ја украсувате, каде и за што ќе ги пренамените средствата кои ви се предвидени за таа намена?
Досега добивме одговор од 25 општини, и тоа од: Арачиново, Неготино, Брвеница, Крива Паланка, Радовиш, Делчево, Берово, Крушево, Велес, Лозово, Градско, Сопиште, Желино, Теарце, Врапчиште, Липково, Свети Николе, Студеничани, Ѓорче Петров, Демир Хисар, Кисела Вода, Кочани, Росоман, Вевчани, Кавадаци…
Освен Општина Берово кои ни одговориле дека за новогодишно украсување се издвоени 200.000 денари, другите општини се децидни дека средствата предвидени во Буџетот за украсување на градот ќе ги пренаменат за борба со Ковид – 19.
Речиси сите градоначалници кои ни одговорија истакнаа дека нивната општина ќе ја украсат скромно со новогодишните украси кои ги имаат набавено предходните години. Истите тие украси и годинава ќе се употребат за подобар изглед на градот со што сметаат дека ќе придонесат барем малку позитивно да се чувствуваат граѓаните во текот на новогодишните празници.
Општините Неготино и Кочани средствата предвидени за новогодишно украсување ги пренаменија во болниците кои се во нивните градови.
Општина Свети Николе средствата за новогодишно украсување ќе ги пренамени за обезбедување на таблети за ученици кои немаат можност да ја следат наставата онлајн.
Од Општина Росоман нагласија дека секоја година поголем дел од планираните средства ги пренаменуваат за социјални трансфери и социјални пакети за социјално загрозените фамилии.