Центарот на активни граѓани „Активо“ денеска во просториите на општина Велес ги презентираше наодите од осум месечното истражување чиј предмет на интерес беше извршување на буџетите на општините од Вардарски плански регион во периодот од 2013 до 2017 година.
На завршниот настан присуствуваа градоначалници, претставници на локални самоуправи, на граѓанскиот сектор и на медиумите.
Свои презентации имаа и градоначаникот на Велес Ацо Коцевски и градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев.
Градоначалникот Јанев, говореше за тоа колку општината во овој период успеала да го задржи позитивниот тренд на реализација на буџетот, со оглед на тоа што беше најуспешна во периодот од 2013 до 2017 година.
Коцевски, пак, потенцираше дека буџетот е најважен документ и тој ја покажува политиката која ја води градоначалникот.
„Изминатите години буџетите на општините беа списоци на желби, но тоа не зависи од вработените туку од градоначалниците и мнозинството во Советот. Живееме во партизирано општество во кое градоначалниците ветуваат се и сешто за да ги придобијат граѓаните“, изјави Коцевски.
Своите искуства од планирањето и реализиацијата на буџетот во изминатиов период ги сподели и градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски. Тој рече дека презентирањето на овие наоди многу ќе им помогне за во следниот период да имаат претстава дали општината се движи во правилна насока со цел да ја направат подобро место за живеење.
Наодите од истражувањето ги презентираше Дејан Ристов, координатор на проектот, кој истакна дека постои голем расчекор од планираните и реализираните буџети во општините од Вардарски регион во периодот од 2013 до 2017. Ристов истакна дека повеќе од 60 милиони евра во деветте општини од регионот останале нереализирани.
„Општина Велес како најголема општина во Регионот, пак потрошила најмалку пари по глава на жител во периодот од 2013 до 2017 година. Во 2013, Општината потрошила само 182 евра по жител, што се најмалку потрошени средства во сите пет години од сите девет општини“, изјави Ристов.
Oва истражување е во рамки на проектот „Едуцирани и информирани граѓани предуслов за транспарентни институции“ кој е дел од вториот повик за регрантирање на проектот „Граѓанска Алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи во јавната администрација од страна на граѓански организации“ кој го спроведуваат Фондацијата Отворено Општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Европската Унија.