Пишува: Борјан Јовановски
Кога му требаат гласови, Орбан оди низ Унгарија, ја обвинува ЕУ и ја претставува како закана за унгарските христијански традиционални вредности. И таа приказна е таква , се додека не му затребаат пари од Брисел, без кои неговото владеење почнува да го губи тлото под нозете.
Соочена со инфлација над 29% и масовни протести на наставниот кадар во целата земја, Орбан исплашен од последиците за неговата популистичка кариера поради ставот на Брисел да не му даде 7,5 милијарди евра, барајќи од него да ги почитува европските демократски стандарди, сега одлучи да ги киднапира стратешките ЕУ политики држејќи ги во заложништво со барање да му се платата парите кои му се итно потребни за да се консолидира.
Соочени сме со чиста уцена, вели еден ЕУ дипломат.
Дајте ги парите за нас или не поминува одлуката на која и е потребна едногласниот за 18 милијарди евра помош за Украина и глобалниот договор за одредување на минимална стапка на корпоративниот данок – ова е отприлика ставот на Орбан на кој му гори под нозете.
ЕУ побара Орбан да испорача брзи реформи во атикорупциските политики и правосудството кое во Унгарија е изложено на силен политички притисок. Распределување на ЕУ фондовите на луѓе блиски околу него и држење на правосудството под контрола се мошне вредни алатки за опстанок на режимот на Орбан. За да ги добие парите од ЕУ, ЕК од него побара акциски план за реформи што неговата влада го достави до Брисел но, тие не звучат искрено и убедливо за голем дел од експертите во Брисел како и за граѓанскиот сектор во Унгарија кој е изложен на силни притисоци од Орбан, поради што во Брисел постојат сериозни дилеми дали на 6 декември треба да се деблокира финансискиот пакет за Унгарија тежок 7,5 милијарди евра.
Од друга страна пак на ЕУ и се брза да ја донесе одлуката за помош на Украина од 18 милијарди евра како и да го стави својот потпис на глобалниот договор за корпоративни даноци, политики од кои во голема мерка зависи угледот на ЕУ на меѓународната сцена.
Официјални претставници во Брисел исто така стравуваат од ризикот за продлабочување на овој јаз меѓу земјите членки во овие сложени геополитички констелации кога на ЕУ и е потребно да покаже што поголемо единство.
Притисокот на ЕК врз Будимпешта резултира со рок за унгарската влада до крајот на неделата да го достави пакетот од 17 мерки кои треба да ги преземе за да се стопира демократското назадување на Унгарија. Овој договор дава можност за деблокада на парите но исходот од имплементацијата на мерките кои Орбан му ги ветува на Брисел не е многу убедлив ако се има во предвид фактот дека корупцијата и влијанието во правосудството се главните алатки за опстанок на режимот на Орбан.
Како стојат работите со притисокот врз ЕУ што поскоро да ги одобри 18 милијарди за Украина извесно станува дека во декември сепак ќе му бидат одобрени 7,5 милијарди евра на Орбан без чиј глас во Советот не поминува нити одлуката за Украина ниту пак онаа за глобалниот договор за корпоративните даноци.
ЕК на Урсула фон дер Лајен веќе се најде под притисок од ЕП од кои предупредуваат дека постои голем ризик , како што велат, Унгарија да се претвори во мочуриште на корупцијата доколку не бидат спроведени антикорупциските и правосудните реформи во Унгарија.
Ваквките состојби кои ЕУ од клуб обединет околу демократски вредности ја претвораат во обичен пазар мобилизираат се поголем број на гласови во ЕУ да биде многу попретпазлива доколку има намера во својот клуб да внесува нови земји членки кои би носеле ризик за кредибилитетот на ЕУ.
извор: НОВА ТВ