Сашо Орданоски, политички аналитичар, одлучи панел дискусијата „Македонија во НАТО: Задачи, предизвици и можности“ во организација на ЦИВИЛ, а во присуство на двајца и македонски државници и амбасадорката на Хрватска, да ја искористи за историско пресликување на еден поголем, историски, проблем, во проблем наречен влез во НАТО и ЕУ на Македонија.
„Јас сакам официјално да и предложам на македонската влада, јас како новинар, небитна личност, да се обидат со Грците во Солун да отворат канцеларија за соработка на млади. Грчко-македонска канцеларија. Таква канцеларија меѓу Франција и Германија постигна фантастични успеси. Стотици млади луѓе да поминаа низ таа канцеларија за да надминат многу потешка историја од таа што ние ја имаме со Грција. Непријатен е спорот, гледаме дека се движи кон решение, но и да не се постигне, важно со нашиот сосед, со кој на крајот на краиштата и немаме толку горки искуства како што имаат Франција и Германија меѓусебно, ќе почнеме да градиме една нова генерација што на друг начин ќе ги третира овие проблеми“, порача Орданоски, предлагајќи и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, исто така, една од говорничките на панел дискусијата, да отворат таква канцеларија со табла на која ќе пишува грчко-македонска соработка и со дипломати што само тоа ќе го работат.
Во продолжение Орданоски, појасни дека илустративно прикажаната историја меѓу Германија и Франција треба да ѝ го предочи влезот во НАТО на Македонија.
„Нема никаков спор дека нашето влегување во НАТО е неопходност… Мислам дека конечно е решено ова прашање да се затвори… Една голема сила има суштинско противење околу тоа, таа не е безопасен компликатор во процесот, но мислам дека и таа ќе ја надмине таа позиција околу противењето за влез на Македонија во НАТО“, рече Орданоски изразувајќи надеж дека оваа година постои можност да се круниса Македонија со влегување во Алијансата.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ермин Климента