И додека развиените економии во светот се прилагодуваат на сознанието дека оваа планета веќе ни органски не го поднесува капитализмот, македонскиот капитализам е заглавен во првобитни форми на капитализмот и во организирана пљачка на јавното добро. Денеска го пишувам овој јубилеен рафал број 300 (за две години) и им го посветувам на сите што страдаат од арамиите што себе си се нарекуваат бизнисмени.
ТИЕ ШТО ГО УКРАДОА ЗАЕДНИЧКИОТ ИМОТ
Најбогатите луѓе во Македонија буквално го присвоија (украдоа) јавното добро, заедничката сопственост што се градеше во бившата социјалистичка Југославија. Процесот на измамничко преземање на некогашните организации на здружен труд го нарекоа приватизација, а трансформацијата од еднопартиска социјалистичка (мека) диктатура во демократски плурализам ја нарекоа транзиција.
Многумина ќе се сетат дека голем број од тие социјалистички фирми и компании беа гиганти, конкурентни на светскиот пазар, за „одненадеж“ да почнат да пропаѓаат, а потоа да ги купат нивните директори. Откако ги присвоија фирмите што божем пропаѓаа, одеднаш тие станаа повторно успешни. Го заштитија тој процес со закони што ги донесоа со гласање во парламентот, демократски. Знам дека има уште финеси целиот процес, но суштината е тоа – го украдоа јавното добро што го создаде социјализмот, каков-таков. И сега се најголемите бизнисмени во Република Северна Македонија. Какви бизнисмени се тоа?!
ТЕНДЕРАШИ
Единствените клиенти на огромен број фирми се исклучиво државни и општински органи на власта, институции и јавни претпријатија. Постојат само за да учествуваат на тендери преку кои се стекнуваат со лудо дебели профити и провизии. Од јавни пари! Едноставно, формирани се за да учествуваат на тендери, не би постоеле или далеку од тоа дека би имале некаков значаен профит, ако не се државните и општинските буџети. Роднинските и пријателските врски ги нарекуваат бизнис релации. Какви бизнисмени се тоа?!
Единствено што знаат е да се протнат низ дупките во законите и процедурите. Таму се богатат, во пазувите или другите делови од дигестивниот тракт на системот. На слободниот пазар не би опстанале ни еден ден, бидејќи единствениот бизнис им е поврзан со властите, кои и да се, кога и да е. Тие се продолжена рака на корумпиран систем во кој поединци се богатат, а сите останати го плаќаат тоа – по превисоки цени. Какви бизнисмени се тоа?!
ГАНГСТЕРИ
Гангстери што се наполниле со пари преку измама и пријателства со големите богаташи и корумпирани политичари. Градат хотели и станбени згради, отвораат бутици, ноќни клубови, фри-шопови, возат коли од по 100.000 евра, шетаат убави девојки (што им кажуваат дека се најдобри од сите)… Станале професори на универзитети, па изградиле хидроцентрали со плата од 500 евра…
Некои од нив влегуваат и во политиката за да се стекнат со уште поголеми богатства и моќ… Секогаш се во близина на политиката и политичарите, премачкани со сите бои, лишени од знаења и разбирање за основните човечки вредности и начини на функционирање на нормалните општества.
Биле и останале простаци, тепаат луѓе по улица, а некои се шетаат по улица и со телохранители (што, исто така, им кажуваат дека се најдобри од сите)… Какви бизнисмени се тоа?!
ДОСТОИНСТВО
Нема достоинство во тоа. Мислат дека живеат во некаков си џет сет, а шират паланечка реа, од нив испарува арамилак, насилство и простотилак. Ако системот им ја овозможил кражбата со лоши закони и наместени процедури, не значи дека не се криминалци, туку само дека се дел од криминоген и корумпиран систем.
Можеби можат да влеат страв кај луѓето, но не можат да ја заслужат нивната почит. Можат да владеат со јавното мислење преку медиумите и човечкото месо што се нарекува новинарска фела која ја поседуваат на најразлични начини во најразлични пози, до мигот кога сите ќе престанат да веруваат и во медиумите. Можат да влезат во политиката или да купуваат политичари или и самите да станат политичари, до мигот кога сите ќе престанат да веруваат и во политичарите.
Можат да ги кројат законите така што ќе ги измачуваат само малите и независните трговци, занаетчии и производители, но на крајот ќе снема трпение, а луѓето ќе почнат отворено да ги презираат и отфрлаат.
Можат и да спонзорираат национализам, за да го одвлечат вниманието од себе и од своите заштитници и клиенти во политиката, за уште повеќе да профитираат, но блиску е денот кога и омразата ќе биде целосно разобличена.
Можат да ги потценуваат и потсмеваат оние што со труд, умешност, па и со среќа и итрина, ги заработиле своите помали или поголеми богатства, но не сфаќаат дека времето работи против нив. Можат да се подбиваат со нив дека се селани и провинцијалци, но токму нивните души се обложени со кожа од опинци. Најголемата казна им е тоа што, на крајот, ќе бидат запаметени како зли грабливци, себични простаци, недостојни за почит.
Тешко живеат македонските работнички и работници под јаремот на овие и ваквите „бизнисмени“. И ги испраќаат своите најмили во белиот свет, во потрага по подобар и подостоинствен живот. На стари години учат што е Скајп, Фејсбук, Вибер, за да се слушаат и гледаат со своите чеда преку студените дисплеи на електронските направи. Тоа е.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.