Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи им се извини на дел од медиумите, но повтори дека ќе поднесат тужби кон оние кои ширеле кажни вести за скандалот со ПИОМ.
Изјавата на Османи ја пренесуваме во целост.
„Заштитата на јавниот простор и слободата на јавното информирање, претставуваат наша обврска не само како политичари чија централна позиција претставува европска Македонија, туку и лично како луѓе чиј вредносен систем е изграден на основа на западните правила и норми.
Но, заштитата на јавниот простор не може да се обезбеди преку заштита на намерните шпекулации и манипулации, преку заштита на лагата и лажните вести, преку заштита на оние чија цел е неправедна дискриминација, нанесување неоснована штета итн.
Медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат, и тоа никогаш не претставувало проблем, ниту таквите прилози ги сметаме за злонамерни и, поради тоа, поголемиот дел од медиумите немаат потреба ниту да се извинуваат, ниту имаме намера да поднесеме тужби. Ако мојата изјава, која секако ја дадов како портпарол на партијата ДУИ, некои од овие медиуми ја сфатиле како закана, дозволете јавно да се извинам и да се обврзам во моите наредни изјави да бидам попрецизен.
Но, постојат политичари, претставници на мали партии, кои изразија директно обвинување за криминал и кражба, без притоа да имаат ниту тронка основа за сомнеж за ваквото тврдење. Тоа е неприфатливо, и затоа апелирам да ја сфатат грешката, да прифатат дека згрешиле или избрзале, нешто што веднаш ќе го прифатиме и ќе го поздравиме. Во спротивно, навистина ќе бидеме приморани и ќе поднесеме тужба за тенденциозно изнесените невистини.
Слична порака сакам да упатам и до оние медиуми и портали-познати претставници на лажните вести, кои не пропуштија да се скандализираат со овој случај, и тие да шират директни обвинувања, намерни лаги и да креираат целосни лажни вести без никаква основа. Наша цел е да го заштитиме јавниот простор, оставајќи им можност да ги демантираат невистините, да се извинат, во спротивно некои од медиумите ќе мора исто така своите тврдења да ги докажат на суд“, додаде Османи.
Писмената изјава на портпаролот на ДУИ следи откако тој најави дека ќе бидат поднесени тужби до медиумите и партиите кои ја инволивирале партијата во скандалот. Овој скандал неодамна го обелодени министерката за труд и социјала Мила Цароска. Таа рече дека анализата на работата на пензискиот фонд покажала оти на 12.000 осигуреници со години не им се префрлале пари во вториот приватен пензиски столб.
Д.М.