Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на 77-то заседание на Генералното Собрание на ОН, оствари средби со министерот за надворешни работи на Кралството Бахреин, Абулатиф бин Рашид Алзајани, информираат од МНР.
На средбата беа разгледани билатералните односи, при што министерот Османи ги истакна заложбите за динамизирање на соработката особено во економската област, туризмот, трговијата и инвестициите. Притоа, беше нагласено дека двете земји имаат голем потенцијал за продлабочување на бизнис релациите, на што ќе биде посветено значително внимание во периодот што претстои.
Соговорниците изразија очекување за збогатување на договорната рамка, како и идно зајакнување на соработката и во делот на мултилатералната дипломатија.
Воедно, беа разменети мислења за надворешно-политичките приоритети на двете земји, како и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми.
Османи исто така оствари средба со министерот за надворешни работи на Хашмитското Кралство Јордан, Ајман Хусеин ал-Сафади на маргините на 77-то Генерално Собрание на ОН
Соговорниците изразија задоволство од развојот на билатералните односи, потенцирајќи ја важноста од натамошно унапредување на соработката во рамките на меѓународните организации и институции. Фокус на разговорот беше претстојната Медитеранска конференција на ОБСЕ, што Северна Македонија, како иден претседавач со Организацијата, одлучи да ја организира во Јордан. Подготовките за конференцијата се во тек, а соговорниците изразија задоволство за можноста заеднички да придонесат кон зајакнување на врските меѓу ОБСЕ и земјите – партнери од медитеранот.
Министерот Османи упати благодарност кон Ал-Садафи за подготвителните активности за ко-организирање на Медитеранската конференција која ќе се одржи кон крајот на Октомври во Јордан.
Соговорниците изразија уверување дека Конференцијата ќе биде заеднички успех за двете земји и дека ќе ја зголеми перспективата за заемна билатерална соработка во иднина.
На средбата стана збор и за соодветните регионалните состојби и предизвици при што беше изразен интерес за зајакнување на соработката меѓу двата региони, во областите од заеднички интерес.