На покана на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, денеска ќе учествува на видео состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, како подготовка за НАТО Самитот што ќе се одржи во Брисел на 14 јуни 2021 година, а на кој Северна Македонија за првпат ќе учествува во својство на земја членка.
Темите на кои ќе дискутираат министрите за надворешни работи се фокусирани на агендата „НАТО 2030“, односно заокружување на усогласувањата кои се водат со цел носење значајни лидерски одлуки на претстојниот Самит: зајакнување на единството и солидарноста, забрзување на тековната адаптација кон новото стратегиско окружување и дефинирање на стратешкиот правец на Алијансата за наредната декада, што се носечки елементи на овој сеопфатен процес, ориентиран кон иднината на Алијансата.
Како што соопшти МНР, министрите ќе се осврнат и на клучните стратегиски прашања во контекст на состојбите во Авганистан и идниот ангажман на Алијансата по одлуката за повлекување на сојузничките сили, како и во врска со пошироката регионална стабилност.