Нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Ветото од Софија предизвика разочараност, но ние продолжуваме да одиме напред. За ова да биде возможно, ни треба порационален пристап. Можеме да дебатираме за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите од минатото што создаваат нетрпеливост меѓу општествата, изјави вчера во интервју за белгискиот весник „Ла либр“, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, повторно подвлече дека е неопходна европеизација дома, посочувајќи дека процесот на пристапување е потребен токму како алатка за реформи. Сигналите од бугарска страна изминатава недела се дека е потребно да се смират емоциите и двете земји да влезат во прагматичен дијалог.
Османи за „Ла либр“ вели дека со Софија можеме да дебатираме за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите од минатото што создаваат нетрпеливост меѓу општествата. -Сето ова, за да се користи историјата како мост, а не како ѕид, посочува тој.
Тој потестува дека Договорот за добрососедство, што Скопје и Софија го потпишаа во 2017 година, предвидува дека Бугарија ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Северна Македонија и дека врз основа на спогодбата беше формирана заедничката комисија за историски и образовни прашања.
– Комисијата за две и пол години постигна договор за два временски периода и пет историски личности. Ова е чекор напред, имајќи предвид дека во текот на изминатите три децении, двете земји не беа во можност да се договорат за една реченица, за тоа како да се опишат историските настани и личности. Ова е добра основа за да истраеме, додава Османи.
Според министерот за надворешни работи, земјава е тест за кредибилитетот на процесот на проширување, бидејќи 20 години правеше компромиси што дури и земјите членки не би ги направиле за да започнат преговори за членство во ЕУ.
– Но, непредвидливоста стана нова карактеристика на овој процес, а таа го става во опасност и го загрозува кредибилитетот на овој процес, што пак од друга страна е клучен елемент во трансформацијата на земјите од балканскиот регион… Колку повеќе се нарушува кредибилитетот на проширувањето, толку повеќе ослабува регионот и го изложува на влијанието на други актери, нагласува Османи.
Тој потенцира дека балканскиот регион е географски, историски, културолошки и економски поврзан со ЕУ.
– Ако ја погледнете картата, регионот на Балканот не е соседен регион на ЕУ. Тој е во срцето на ЕУ, во смисла дека е опкружен со земјите-членки на ЕУ и НАТО. Јас дури и не би зборувал за „проширување“, туку за „комплетирање“ на ЕУ. Регионот претставува додадена вредност за ЕУ, не само економски, туку и од аспект на безбедноста. Ова го прави регионот привлечен за други сили и го прави цел на различни влијанија, заклучува Османи во интервјуто за „Ла Либр“.