Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.
Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави. Додаде дека ова негово мислење, било поткрепено и со податокот, кој го финансира клубот во Благоевград и дека тој факт го доведува до заклучок дека тој процес не може да биде во функција на промовирање на македонската заедница, на интересите на граѓаните Македонци таму, на односите меѓу двете држави, на добрососедството.
-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, рече Османи.
На забелешката за контроверзните имиња на бугарските клубови Охрид и Битола, а сега името на овој клуб не е проблем и во однос на тоа дали како што брзо е откриено кој стои за клубот „Никола Вапцаров“, кој треба да биде отворен в недела во Благоевград, исто така е откриено кој стои зад тие во македонските градови, Османи не даде конкретен одговор, но нагласи дека институциите имаат информации и повтори дека тие клубови исто така не се во функција на бугарската заедница во Северна Македонија.
-Институциите имаат информации и клубовите тука не се во функција на бугарската заедница и добрососедските односи и тој клуб финансиран од канадското здружение не е во функција на добрососедските односи. Бугарскиот амбасадор беше на отворањето на клубот, беше и на другиот клуб, јасно е кој стои, но јас велам дека тој начин не и помага на бугарската заедница, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата смета дека не смее да се дозволи некој да ја киднапира агендата заради политички, партиски интереси и напомена дека отворањето на вакви клубови во двете земји, можеби моментални ќе задоволни некакви чувстува, но според него не е долгорочно решение.
На забелешката дека бугарските клубови со контроверзни имиња, беа поддржани од официјални претставници на бугарските власти, Османи одговори дека доколку земјава немала разлики со Бугарија, немало да има ниту процес и додаде дека очекува еден ден да бидат надминати сите разлики.
-Да се вратиме на еден нормален колосек во духот на пријателството, сметам дека ова во моментов не е паметно, може малку ќе ни ги задоволи чувствата, потребите за да возвратиме краткорочно, но сметам дека тоа не е патот. Камен темелникот за железницата со Софија многу повеќе ќе придонесе за Македонците во Бугарија и за Бугарите во Северна Македонија, отколку овој натпревар на клубови кој не ја зема предвид сензитивноста на моментот и нема добра намера, рече Османи.
Шефот на дипломатијата истакна дека граѓаните и тука и во Бугарија имаат апсолутно право да отвораат клубови, но согласно законите и како што рече тоа му го посочил и на бугарскиот премиер.
-Тоа што се случи во Охрид е спротивно на кој било интерес на бугарската заедница, немам двојни стандарди, но агендата треба да ја вратиме во нормалните добрососедски односи, кои се во духот на пријателството, рече Османи.
Најави дека наредните денови, недели ќе замине за Софија, со цел да се договарат со надлежните таму да се интензивира работата на работните групи и да се наметне конструктивна агенда. Нагласи и дека покрај сите проблеми, прв пат со Бугарија е постигната трговска размена од над една милијарда евра.
Османи смета дека процесот на уставни измени треба да се одвива со забрзана динамика, поради, како што вели, да не се изгуби моментумот во преговорите со ЕУ.
-Треба да се работи во забрзана динамика и не сметам дека треба да се одложат наредните избори, поради две причини – едната причина е заради тоа што ние не смееме да оставиме временски јаз помеѓу завршување на скринингот и отворањето на првото поглавје, бидејќи во ЕУ преговорите најважен е моментумот. Ако го изгубите моментумот тоа најтешко се враќа и политичарите што имаат искуствто во европскиот процес знаат дека моментумот е сега и не смееме да го испуштиме, и втора причина, не сметам дека наредните избори треба да бидат референдум за уставните измени, туку треба да бидат избори за подобар стандард на граѓаните и владеење на правото, рече Османи во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој неодамна рече дека не треба да се брза со уставните измени.
Во однос на тоа дали како власт имаат стратегија како ќе го соберат двотретинското мнозинство за уставните измени, тој вели дека со преговорите со ЕУ се добива безбедност, стандард, заштитени идентитетски атрибути и оти тоа граѓаните полека го разбираат и го поддржуваат.
-Тоа е нашата стратегија и мислам дека полека тоа ќе стигне и до пратениците. Мислам дека граѓаните се повеќе разбираат дека пропагандата околу 19 јули беше неоснована. Дека јазикот ќе исчезне, дека се продадени интересите… Се повеќе се сфаќа дека ние добивме почеток на преговори, заштитени идентитески атрибути и уставни измени, кои уште повеќе ќе ги заштитат тие идентитетски атрибути, бидејќи за првпат уставно се дефинираат двете заедници како мнозинска и како малцинска, што е спротивно на позициите на најрадикалните структури во Бугарија, кои се против уставните измени. И затоа, кој е против уставните измени е всушност на линија со најрадикалните структури во Бугарија. Мислам дека времето овозможува овие пораки да стигнат до граѓаните, оцени Османи.
Според него, мора да се направиме општествен договор дека 2030 ќе ни биде годината кога ќе станеме членка на ЕУ. – Ние може да се минираме меѓусебе, но ќе си ја минираме нашата агенда за 2030 година, кажа Османи на брифингот со новинарите во Скопје.