Актуелните внатрешнополитички состојби во земјава и во регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство во сфери од заемен интерес биле темите на кои разговарале министерот за надворешни работи Бујар Османи и специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, надлежен за Западен Балкан, Стјуарт Пич, кој е во прва работна посета на нашата земја, јавува МИА.
– Османи го запозна специјалниот пратеник Пич за спроведувањето на реформите од европската агенда, со посебен акцент на обновениот дијалог со соседна Бугарија и воспоставувањето солидна основа за јакнење на довербата и соработката во клучните сектори од интерес и унапредувањето на добрососедските односи, соопшти Министерството за надворешни работи.
Двајцата соговорници се осврнале и на безбедносните предизвици со кои се соочува Западен Балкан и притоа специјалниот пратеник Пич, како што наведува МНР во соопштението – „ја реафирмираше силната посветеност на Обединетото Кралство во регионот и неговата улога во процесот на одржување на безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан“.
–Традиционалното пријателство и партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство во изминатите три децении се рефлектира преку интензивен политички дијалог и одлична трговска и секторска соработка, коja ќе се надградува понатаму со можностите кои ги нуди Билатералната спогодба за трговија, партнерство и соработка меѓу нашите две земји. Постои висок интерес за јакнење на силните трговски релации, при што Обединетото Кралство продолжува да биде нашиот втор најголем трговски партнер и еден од најголемите странски директни инвеститори во нашата земја, наведува МНР.