„ДКСК ќе продолжи со постапување по предметите поврзани со Драги Рашковски, оставката на поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија не влијае на работата по споменатите предмети. Постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на ДКСК“, соопштија од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси.Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на денешната прес конференија соопшти дека Рашковски доставил писмо до премиерот со кое го известува дека се повлекува од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата.
„Тоа е негова лична одлука и има право на тоа. Владата во неколку наврати ги охрабри институциите да проверат дали се прекршени какви било пропцедури правила и стандарди. Уште еднаш потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од тој софтвер за сообраќај“, изјави Арсовски.
Претходно Рашковски и на својот Фејсбук профил информираше за оставката споделувајќи го писмото упатено до Заев.
ДКСК во март отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот, тендер кој го распишал Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист.