Categories

КОЛУМНА Отец Франческо, имам исповед

Шарената револуција ми ја направи Македонија симпатична. За првпат добив чувство дека би можел да посакам да бидам нејзин граѓанин, под услов шарената револуција да успее. Во Декември 2016, шарената револуција ја извојува една од главните битки. Македонија од симпатична, почнав да ја чувствувам како нова симпатија. Fast forward до вчера, 5 Мај 2019. Оваа денешна Македонија ја изнудува мојата dashuri, мојата љубов кон неа.

Пишува: Агрон Биба

Пред тоа, јас Македонија не ја сакав, ми беше туѓа, дури можам и да кажам дека ја мразев. Ја мразев Македонија и нејзината албанофобија, антиквизација и шовинизам, ги мразев нејзините албанофобни трамполини кои им овозможуваа на ликови кои ширеа говор на омраза, и кои делуваа како вистински гебелсови петкаши и бубалици да станат министри, амбасадори, директори и главни фаци, фраери и фраерки во Македонија, а на домашните џурулти кутии да не исмејуваат со некојси Селим Селими. Во пеколот сигурно постои специјално ќоше за тие кои направија вртоглави кариери извикувајќи гасни комори за шиптари, ќе им ги сечеме ноктите на орлите и ќе ги исфрлиме преку канализација во Албанија. Имаше и такви кои јавно во парламентот велеа дека шиптарите се една бедна шака јад, дури, тогашниот претседател изјави дека ќе изградиме/овозможиме еден хуманитарен коридор за бегалците Албанци во случај на војна во Косово. Види мајката, не само што сам живео у Београду, него сам и шиптаре почео да мрзим као београѓанин, разбира се, ко не мрзи дрвосече?? Така изјавуваше бананамен.

Имаше и такви во Македонија кои креваа куплерајски шатори велејќи дека кој сака Универзитет на албански, нека оди во Албанија. Само со тоа, со еден мал куплерај и шатор и со многу исплукана и исповратена албанофобија истите овие грешни души, се лансираа во пратеници, амбасадори, директори и ти реков ми рече..

Не труеја Миленковци, Ефтовци, Мирковци Божиновци, разни офарбани албанолози од типот на Поповски, кој дивите албански геги успеа историски и со научно салто-мортале да ги донесе во атинското пристаниште во (види бога ти?) 18 век?!? Во епохално историско откритие, албанологот изјавува дека овие диви геги имале фонд од само 27 зборови?!?! Овој велепризнат македонски албанолог (др. Петар Попоски) тоа го кажуваше на национална Канализација од телевизија, во истата емисија во која повеќе пати гостувал и тропал на тенеќија и тогашниот премиерот на државата, денес избеглица во земјата на гулашот..значи, на мејнстрим медиум, не во бакалница…Ехххх, кој може да ги доброи  и сите други Алибабини разбојници од тој ков, кој везден ширеа смрдеа, гној, антимитинзи, антипротести и измислија трагикомедија (која за чудо уште се толерира?!?), менталната искомплексирана дијареа Скопје 2014.

И затоа, мил и почитуван Отецу, драг и почитуван гостину од висок ранг, ваша екселенцијо Папа Франческо, ве молам да ми помогнете да се исповедам. Јас грешев душа мил Отецу, ја мразев мојата татковина Македонија, ја мразев и сакав да се распадне, сакав да и се одмаздам за нејзината албанофобија. Знам, мил отецу, одмаздата е грев, но ете ја имам во мојата албанска ДНК, и ми требаат многу книги прочитани и неколку напишани за да ја скротам и да ја канализирам таа голема негативна енергија, и од разорна да ја претворам во корисна. Преку шарената револуција, веќе почнав, но и вашиот благослов е добредојден.

Мил отецу Франческо, јас ја мразев Македонија, но сега ваква исправена на прав пат, една Македонија која ги почитува сите свои граѓанки и граѓани, без разлика на нација, вера, јазик, партиски, сексуални и секакви други ориентации и разлики, ваквата Македонија ја засакувам. Почитуван умен Отецу Франческо, дали е грев да јас како Албанец, да ја сакам и почитувам Македонија исто, или и повеќе од Албанија?

Нели е природно да ја сакам Македонија. Тука сум роден, тука за првпат ми се раскрвави коленото, лактот, на некоја од овие покриви го фрлив и првиот млечен заб. Зошто да е грев да ја сакам и почитувам оваа Македонија која што почнува да ме почитува и мене како албанец, и овојпат вистински. Нели почитта со почит се купува?

Мудар отецу Франческо, дозволи во мојата исповед да спомнам и да помогнам да се исповедаат и мои други сограѓани. Во последните две недели, божјиот син Стево и божјата ќерка Гордана зборуваа јавно и се исповедаа за нивните гревови и за гревовите на Македонија кон Албанците. Зборуваа за некои заборавени случки во Радолишта, Гостивар, но иако не ги спомнаа, јас слушнав и Бит Пазар, Тетовски Универзитет, додека еден од нив и се фалеше со тоа што секој би требало да се срами, наводно како таа, божјата ќерка Гордана, била против мировен договор 1, па против јазик на своите наводни побратими, па против мировен договор 2, па мировен договор 3, и се така некоја чудна исповед кон македонскиот и албанскиот народ во Македонија. Ме погоди поприлично но успеав да не пуштам солза од таква тешка и НЕискрена исповед.

Знам да бидам и старомоден албанец, но знам и да плачам мил отецу Франческо. Се расплакав пред неколку недели, кога ве видов вас, 82 годишен старец, слезен од олимпот на светската политика, како ги целивавте чевлите на завојуваните страни на малите богови на војната во Јужен Судан. Имав внатрешен земјотрес на сите мои принципиелни градби и се удавив во цунами на емоции. Ослепев како Хомер, и се споија и небото и земјата, и живите и мртвите фрлија оро со тапани и зурли. Данте Алигиери ме прошета по сите новоизградени 99 кругови. Исклучително трогателно и фасцинантно од ваша страна, респект. Се надевам дека вашите усни им ги испекоа нозете како што би требало да ги печат детските солзи кои останаа сираци од нивните пионски војни.

Почитуван и мудар отецу Франческо, се уште сум полн со грев, имам силни пориви за одмазда. Не лична. Колективна. Сакам мојата, нашата Македонија да им се одмазди на тие што ја заробија, сакам правда за Македонија. Мудар отецу, народот во Македонија дозна повеќе од што требаше да знае. Ние слушнавме јавно и колективно прислушкувани телефонски разговори на тие што ја заробија Македонија, и за да има мир, сега мора и треба да слушнеме и за правда.

Изморениот и многупати изневерениот граѓанин на Македонија чека стрпливо за правда. Мудар отецу, грев ли е да сакаш правда?

Иако ја споменав осветата неколку пати, јас знам и да простам и да пофалам, затоа што очекувам и други да ми простат за моите грешни размислувања и дела.

Сакам да слушнете и вие, отец Франческо, дека им се заблагодарувам на сите пратеници Македонци и други неалбанци коишто го изгласаа унапредување на албанскиот јазик. Криво ми е што ги нарекоа предавници заради мојата радост и радоста на албанскиот јазик. До сите пратеници кои не се Албанци, но сепак гласаа за албанскиот јазик, искрено и вечно Благодарам!

Почитуван и добродушен отецу Франческо, јас искрено верувам дека божјиот син Стево е препороден и коренито променет во своите размислувања кон своите сограѓани Албанци. Тој го изодел патот до Дамаск неколку пати. Јас му верувам на Стево, и гласав за него да биде новиот претседател на Македонија. Мудар отецу, тоа не можам да го кажам за божјата ќерка Гордана. Таа вели дека е родена во охридска турска куќа во 1955, но никогаш во ниеден момент не спомна дека многу турски, албански и други муслимански куќи се испразнија токму во тие години поради разурнувањето со динамит на Џамијата Хаџи Кас`м во 1953 година, која се наоѓаше на градскиот плоштад. Таа мрачна и гласна експлозија во таа кобна ноќ во 1953 година предизвика погром врз охридските муслимани. Таа експлозија асимилира и исели многу Албанци насекаде низ светот, како пилци од кукавици. Чудно ми е да слушам професорка  да се фали дека е родена во празна турска куќа, испразнета после погром?!? Оваа божја ќерка често зборува за некакво мистериозно албанско побратимство и за албанската беса, но иако по вокација е правник, не изусти ниту еден закон од дванаесетте книги од албанскиот канон на Лек Дукаџини, вредно собран од католичкиот отец Штјеф`н Џечови. Ете, како илустрација да потврди дека сака право и правдина,  прочитала нешто од Канонот и знае за бесата и побратимството цитирајќи членови од овој прастар албански законик, како што би се очекувало да направи секој светски правник кој е вистински љубител на правната наука. Божјата ќерка Гордана, тврдеше дека е првата жена кандидат за претседател, и ја прескокнуваше албанката Мируше Хоџа која само пред 10 години достојно се кандидира во манир на вистинска висококвалитетна урбана интелектуалка. Очигледно, нејзиниот единствен хендикеп во прекрасните плави очи на божјата ќерка Гордана беше тоа што Мируше е Албанка, така што `Гога радарот` такви шиптарски летала не регистрира. Божјата ќерка Гордана често спомнуваше дека нејзината специјална понуда е тоа што е жена, но во ниту  еден момент не ја спомна најпознатата жена од Македонија, Светицата Мајка Тереза, која се роди токму во Скопје каде што Гордана  сега живее, и која како и Мируше Хоџа, го има истиот хендикеп, и Мајката Тереза била ќерка од албански мајка и татко. Мил и мудар отецу Франческо, ве молам помогнете и ислушајте ја оваа моја долга исповед, пошто со волку насобрана лутина и бес во мене, јас грешам и често пливам во морето на гревот, ми треба вашата добрина и благослов. Се лутам кога многумина во Македонија за Светата Мајка Тереза никогаш не велат дека е Албанка, и тоа целосно го игнорираат. Вие знаете дека албанскиот народ е многу мал народ и е поделен во трите Абрахамови религии во скоро сите бои на тоа виножито. Мил и мудар отецу Франческо, јас сум Албанец муслиман и горд граѓанин на оваа препородена Македонија, со нов реформиран претседател, божјиот син Стево. Јас сум сретнал Албанци од мојот клан Биба, кои се католици и православни/ортодоксни.

И ние албанците муслимани ја сакаме и се гордееме со Гонџе Бојаџиу, славната ќерка на албанската мајка. Таа денес е светица, и му припаѓа на целиот свет, но ништо нема да му наштети на нејзиниот светол лик, ако одвреме на време (таму каде што е прикладно)  се спомне дека таа е Албанка, затоа што нашите муслимански и православни албански ученици, како и нивните врсници Албанци католици, треба да слушнат и да се гордеат со нејзината хуманост и да се огледаат на нејзиното дело, додека целиот свет треба да се огледа на богатството кое ние Албанците го имаме во нашата хармонија и почитување на сите религии. Јас сум Албанец муслиман, и како многу други Албанци знам и се гордеам со Албанецот католик, Џовани Франческо Албани, кој беше еден од вашите претходници познат како Папа Клемент XI. Нашата љубов кон нашите православни и католички Албанци, не подготвува да бидеме добри Еврпјани и еманципирани граѓани на светот. Во нашата заедничка татковина Македонија, ние сме муслимани кои растат со звукот на црквените камбани, додека нашите сограѓани христијани растат со звукот на езанот, со векови. Имаме и проблеми одвреме навреме, но ги користиме позитивните ликови и ги ставаме во сенка негативните, за да гледаме напред, кон подобрата иднина.

Се радувам дека денес, оваа нова Македонија која се роди по Шарената Револуција, се повеќе ги следи позитивните примери и на сите ни дава нова надеж.

Почитуван и мудар отецу Франческо, мислам дека религијата е како пламен, на кој треба да му се најде пристојната оддалеченост, преблиску до него,  те гори, предалеку, не успева да те загрее.

Ве молам, мудар отецу Франческо, помолете се за моите гревови, јас конечно ја засакав Македонија. Тенка линија ја дели омразата од љубовта, и обратно.

Архиепископот Лео/Лав од Охрид, бил еден од првите кој почнал да ја црта таа т`нка линија на големата скизма од 1054 година. Мислам дека таму каде што почнала пукнатината, во Охридската Света Софија , таму треба да почне и лепењето, во ветровитиот Охрид, како што во Атина вели божјиот син Глигор Прличев, во поемата за Скендербег.

Мил и драг отецу Франческо, добро да ни дојдете во Македонија, земјата во која била куќата на родителите на Светата Мајка Тереза. Во Канунот се вели дека во секоја куќа на прво место треба да е Господ, а на второ место треба да е гостинот па дури потоа домаќинот. Почитуван отецу Франческо, на денот на вашата ценета посета, нашата заедничка куќа Македонија ќе биде Божја, потоа Ваша, и најсетне наша, на сите нејзини граѓани,  такви какви што низ векови не дал свевишниот Бог.

Се надевам дека Вие, пречест, мудар и мил отецу Франческо, ќе го најдете Бог во нас, во изморените македонските граѓани, православни, муслимани, католици, евреи и сите останати. Побарајте го Бог кај Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите останати, и дека сите ние, обединети и горди граѓани на Македонија, ќе го побараме и верувам дека ќе го најдеме Бог во Вас преку вашите молитви и благослов при вашата благородна посета.

Почитуван мудар отецу Франческо, ве молам понизно да се помолите за идните претседатели на Република Северна Македонија, кои денес се амбициозни и интелигентни мали дечиња и инвестират во своите амбиции да станат идни лидери. За да учат, да ги слушаат своите родители, да ги почитуваат своите соседи, да внимаваат што прават и што зборуваат во својата младост, за да не мора да се срамат подоцна од своите изречени зборови и постапки, кога во иднина ќе се кандидоваат за претседатели во својата рана старост. Но ако погрешат во младоста, најмалку што можат е да се покајат, а ние ќе одлучиме да им простиме. Јас му простив на Стево и неговите соработници. Македонија ќе живее и ќе напредува, затоа што не сум сам. Многу други Македонци, Албанци и други граѓани сакаат таа да опстане и да напредува и да се развива.

Почитуван отецу Франческо, да се помолиме за Лео/Лав од Охрид и за Џовани од Трани. Да го припомнеме молкум и писмото напишано од Лео од Охрид до Џовани од Трани во 1053 г.

Заеднички да стиснеме раце, да се помолиме и да ја избришеме Теодосиевата линија и сите други линии кои не разделуваат. Од денес, нека се викаат линии кои спојуваат, не линии кои раздвојуваат. Нека не спои Охридската Света Софија, која слушнала безбројни молитви, и црквени, и исламски, и еврејски. Почитуван отецу Франческо, се извинувам за моите гревови. Добредојдовте во Македонија, почестени сме.

Охрид, 6 мај 2019

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

Print Friendly, PDF & Email