ВОЈО МАНЕВСКИ
Има ли некој термин што може безусловно да го поврземе со нашата држава од осамостојувањето, па до денес. Кај мене изборот се сведе на два поима – опстојување и отвореност. Можно е да се најдат и уште неколку пeриферни поими во оваа конкуренција, ама ете јас се одлучив за отвореност. Сите асоцијации што можат да поттикнат говор на нетрпеливост однапред ги отфрлам. Кога мислам на отвореност веднаш ја имам јасната слика во сите сегменти на општествениот живот.
Економијата треба да е отворена како услов за поголем пазар и поголеми инвестиции. Уф, кога се сетам на низата науки и системи од деведесеттите каде ни препорачуваа што побргу да ја отвораме економијата, како прв услов за пазарен натпревар и слободна економија. А оно да ти било нешто сосема друго. Никој тогаш не ни објасни дека имаме неконкурентна економија и слаб правен систем, кој бргу ќе подлегне пред корупцијата и организираниот криминал. Ја отворивме индустријата како врата на фабричка хала од која се изнесе сѐ што имаше некаква пазарна вредност, и сега стои како потсетник на заблудите и неодговорноста. Додека паметните држави го направија распоредот на постапките со кои ја јакнеа технолошката подлога на економијата и сериозно ја сфатија ИТ технологијата, ние кажувавме приказни за услуги и туризам. И ете ни сега држава со старо население на кое му се потребни бањи и пензионерски домови. Само сега тоа не се услуги, туку социјални грижи. А можеби и тоа било целта на оние што ги водат тeковите на економијата на пошироки простори. Банките не ги отворивме зошто новата олигархија нема намера да развива економија, туку да ужива во стекнатото богатство од отворената приватизација. Што би рекол нашиот народ – парата на пара оди.
Политичкиот систем го отворивме како митинг на плоштад. Се формираа партии во кои влегуваат членови од разни идеолошки улички и на крајот станаа акционерски друштва, во кои се влегува и останува со калкулатор во рака, околу добивката кога ќе се дојде до својот дел од власта. Сега не се знае дали партиското раководство го користи членството за своите политики или е заробеник на истото, кое испорачува цена на услугите од членувањето.
Образованието го отворивме како пупка на која може да слета секоја пчела, а кај нас слетуваа оси и стршлени, па сега имаме писмено полагање на филозофија и право, а златните раце и белегзија на мајсторите станаа реткост како и вредноста на металот со кој ги споредуваме. Среќа наша што не се појави некој друг систем, па останавме на Болоња и Кембриџ. Од Болоња имаме само илјадници магистри и доктори, а Кембриџ со романско искуство и италијанска ревизија скапо го плативме. Не смеам да помислам, ако ни предложеа да прифатиме некој бугарски систем. Ќе си пеевме – ас сум мало Б’лгарче.
А само колку ја отворивме надворешната политика. Отворена е за сечие влијание и интереси. Од еквидистанца поминавме на отворено послушништво кон секоја моментална иницијатива на бирократите од Брисел, или поверениците на големите сили, кои ги има и за делник и за празник. Толку сме отворени што почнавме да не ги препознаваме дипломатските игри и договори, однесувајќи се како суверена и самодоволна држава. За жал, ние тоа не сме на ниту едно поле. Почнавме и Балканот да го отвораме, само да не се загубиме во таа ново отворена широчина, патоказите слабо ги читаме.
Во културата кога удривме една отвореност и тоа од сите страни, та денес од промајата што ни ја направи таа отвореност малку остана од култура. До душа имаме отворени фестови и разни „дешавки “на градските плоштади и улици, ама главните културњаци пеат на некој друг јазик од отворениот Балкан. Во културата се однесуваме во склад со менталитетот на паланка (мал град) и со почит за поговорката за жабата и коњот. Треба ли да имаме театри — секако дека треба. Ај да отвориме едно петнаесетина и нека гледа театар народот. Арно, ама за такви институции се потребни средства, актери, драматурзи, режисери. Нема пари за авторски права, па се земаат текстови со изминат рок на права и се поставуваат. Убаво звучи Бекет кога се игра во Гевгелија на пример. Звучи, ама и на тоа останува. Нѐ спасува инвентивноста на режисерите на кои и каков да им дадеш текст тие исти претстави прават. Во склад со бараната препознатливост и идентитет. Да не заморувам со други примери за последиците од отвореноста, тие се видливи во секој портал или медиум каде одамна нема рубрика за култура. Се сеќава ли некој на издржана критика во било која област од културата?
А, за малку ќе заборавев на отворената администрација. Ја отворивме за сите партии. Доста беше едноумие и кадри на само една партија. Сега секој што дојде некако до власт веднаш во отворената администрација си ги води и своите сопартијци, а некогаш и своите блиски и подалечни роднини. Овде веќе ја надминавме оптималната отвореност што сега ќе мора да ги подзатвораме вратите. Ама како вели нашиот народ – на поле врата не се става.
Уставот треба да го отвориме. Не само да го отвориме, туку да му вградиме некоја триумфална порта и таа да биде постојано отворена. Да си влегува кој кога има потреба и кога сака. И онака Уставен суд не можеме да составиме половина година. Штом нема кој да суди значи ништо не е противуставно. Нека влезат сите делови од народите од соседството, ама и за оние подалечните предели да имаме приготвено уставни простори. За оние што ќе треба да работат на нашите полиња , фабрики и ресторани, место нашите млади што сега разнесуваат морски плодови по туристичките места или берат грозје по тосканските полиња. Таква една иницијатива имаше од некое здружение на угостители, ако не се лажам. Има овде и една непознаница. Ако е отворен влезот во уставот имаат ли уставо-писателите и решение за излез од него? Колку и да е отворен уставот еднаш ќе се преполни и тогаш некој ќе треба да го напушти. Колку во тоа напуштање ќе има доброволност, а колку принудност треба да се предвиди уште сега. Како што ми стојат работите сегашниот мнозински народ ќе мора да се стесни во уставот, зошто изгледа зазема преголем простор. Полека, полека да не дојде до излезната врата која допрва ќе биде проектирана. До нејзината изградба има опасност и да се задуши.
И така во својата отвореност дојдовме до отворени затвори. Малку ми е необјасниво како може заменката да е отворен, а именката затвор. Ако е отворен тогаш не е затвор, а ако е затвор тогаш не е отворен. Е тоа е кога имаш слабо екипиран јазик и затоа не треба да им се лутиме на соседите што ни нудат помош од својот фонд на зборови.
Во ваквата отвореност не смееме да застанеме. Затворите мора да се слика на општеството и можност за ресоцијализација на оние што волно или неволно погрешиле. Мал народ сме и не смееме да се откажуваме од ниту една единка. А и верата ни налага да му помогнеме на секој што е во неволја. Затоа нека се отворат затворите и секој нека си ја изгради својата ќелија. Нека си ја прилагоди на својот начин на живот, зошто ако му ги земеме условите во кои живеел може да падне во депресија и целата постапка на ресоцијализација може да не успее. А ресоцијализирани личности ни се неопходни. Сите тајни на занаетот ги знаат и само ако бидат ставени во системот никој нема да има избега од надзорот. И така ќе се подигне ефикасноста на системот во борбата со корупцијата и криминалот. Мнозина од нив ги имаат почувствувано и двете страни на законот.
Затоа да направиме еден референдум за отворање на сѐ и сешто во државата и така отворени да ја дочекаме Европа. Не ние да одиме таму, туку тие да дојдат овде на отворено.
Мојот комшија има една дилема. А бе новинар таа отвореност колку прста треба да е? Немој да се породиме пред време или на нероден Петко капа да му кроиме.