Пристапните преговори на земјава со Европската Унија, ќе зависат и од исходот на истрагата за случајот „Рекет“ која треба да открие дали во изнудата на Боки 13 е вмешана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Ваква порака испрати американскиот заменик – помошник државен секретар Метју Палмер во интервју за Глас на Америка.
„Ова се сериозни обвинувања и сите такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ние поддржуваме целосна, темелна и транспарентна истрага за овие обвинувања и, ако има докази, и соодветно обвинение. Ова е а можност за властите во Северна Македонија да демонстрираат подготвеност за почитување на владеењето на правото“, изјави Палмер.
„Многу е важно да постои специјално обвинителство кое ќе има мандат да ги адресира овие прашања и предизвици. Во тек се преговори помеѓу опозициската ВМРО -ДПМНЕ и СДСМ во врска со параметрите на новиот закон за СЈО. Важно е и двете страни да седнат да преговараат и да ги решат разликите. Времето за политикантство е завршено, сега е време за лидерство“, додаде Палмер.
Тој смета дека добивањето на датум за пристапни преговори со ЕУ во голема мерка ќе зависи од решавањето на статусот на СЈО, и дека Владата на Северна Македонија треба да испрати јасен сигнал дека работи на тоа како и успехот на законот за СЈО.