„Омразата на навивачите групи не е од вчера, таа, за жал, постои подолго време. Јас како спортист сум имун на такви навредливи скандирања и сум против тоа, бидејќи спортските арени се направени за нешто друго, за нешто убаво, за уживање…“, вели македонската фудбалска легенда, Дарко Панчев во разговор за ЦИВИЛ Медиа, (на 13 јули 2018 година).
Во контекст на сè поизразената омраза од страна на навивачките групи со Панчев разговаравме за насилствата на трибините и надвор од нив, за непријатностите и проблемите за време на натпреварите, национализмот и говорот на омраза. Панчев е дециден дека на трибините и терените нема место за ваквите појави. Тој додава дека со одредени членови на навивачките групи би требало да се занимаваат социолози, да разговараат со нив и да им се објасни дека ваквите работи не носат ништо добро.
„Се случуваат и полоши инциденти, некои страдаат, некои завршуваат во затвор…, на крај сите се во загуба и би било добро да нема такви работи во иднина“, потенцира тој.
Панчев истакна дека ниту еден играч не сака да слуша навредливи скандирања кон другиот клуб или друга етничка заедница, бидејќи така не се мотивира да игра, додавајќи дека нема поубаво нешто од тоа играчот да го слушне своето име скандирано од илјадници навивачи, се разбира ако одиграл добар натпревар.