oд корнер: Зоран Иванов
„На граѓаните им е доста од криминал, корупција и рекет. Граѓаните бараат обнова. Граѓаните сакаат државата да тргне напред“.
Па да, неспорно. Воопшто неспорно. На граѓаните навистина им е премногу од криминал, од корупција, од рекет. Но ви се верува ли дека цитатот се зборови на Христијан Мицкоски. На актуелниот претседател на ВМРO-ДПМНЕ ?
Зборови на човекот директен актер, најдиректен креатор и најнепосреден учесник на, колку до вчера, едно декадно владеење кое граѓаните го доживуваа како режим. На една тоталитарност регистрирана во свеста на македонските граѓани и во извештаите на меѓународните организации.
Зборови на човекот кој седна на претседателското партиско столче опкружен со витезите на криминалот од неговото време. На човекот кој е во длабок заборав и за сопственото учество во креациите и за изборните кражби и за тортурата врз медиумите и за руинирањето на Скопје и за корумпираното судство и за окупацијата врз институциите.
Зборови на одблесокот на темниот период на нашата транзициска небиднина. На времето на македонската демократска зима. Тоа е тој возач кому в раце му го тутнаа партискиот волан со будимпештанска задача да вози во рикверц.
А до вонредните во април, за татковината, за европска Македонија, можат да се сторат толку многу нешта. Наместо конкретности за тоа, ниту ронка совест, никакво извинување за минатото, никаква понуда за кооперативност, никаква реална анализа на состојбите, ниту пак зрак позитивна енергија.
Само констатации, инсинуации, пароли, ветувања и нереални надежи. И премногу амнезии и лаги од сега првиот човек на моќната партија на минатото.
Сето уште и на Денот на македонската борба. Револуционерниот Прилеп тоа не го заслужи.