ВОЈО МАНЕВСКИ
Збир на основни претпоставки или правила кои ги земаме здраво за готово а со цел да ја објасниме стварноста и појавите во неа. Личната парадигма е она што ние го сметаме за битно кога ги толкуваме појавите околу нас. Луѓето имаат различни парадигми како поединци, семејства, струки па дури и цели народи. Парадигмата прави умствен филтер кој ги пропушта само оние информации кои се вклопуваат во однапред направената слика на светот и вредностите во него.
Отприлика како да носиме очила во боја. Ако се розови тогаш нашиот свет е розов или во некоја нам прифатлива боја. Низ таквите очила и светот е во бојата која ја посакуваме. Додека ги носиме таквите очила и светот е со нашите замислени вредности. Спремни сме за тој свет да ставиме многу реални вредности на коцка. Кога се симне парадигмата (нашите измислени очила), сфаќаме дека работите имаат и други бои и други нијанси. Парадигмата се создава преку информации и искуства кои најчесто се примаат од разни авторитети кон кои не се приоѓа критички.
Некогаш се размислувам дали на вакви описи на поимот и последиците од него се потребни дополнителни објаснувања. Секој од нас има розови очила и повеќе ѝ верува на лагата отколку на вистината. Лагата има заводливи бои како божилак а вистината секогаш е со најмалку еден дел во темна боја.
Причината да се потсимнат парадигматичните очила може да биде сосема едноставна а и случајна. Во дворот имам шест прекрасни кученца што ми го разубавуваат секој ден и сериозно ми помагаат во подигањето на оптимизмот. Растат и се размислувам каде да ги вдомам, ама да бидат кај некој што во најмала рака ќе ги чува ако не ги засака. Така почнав да ги прашувам блиските дали сакаат да им дадам едно од кученцата. Еден од моите најблиски роднини веднаш одбра едно црно кученце со бели чорапчиња. Договорено беше да дојде по него следните денови. И ете мојата парадигма беше развеана со нашиот прв следен разговор. Малку со кнедла во грлото ми објасни дека најстариот син донел одлука да замине на работа во Германија и можно е да го почне познатиот пат на постепено напуштање на татковиот дом. Немаше потреба од поголема елаборација туку да констатираме дека сопствените очила во сакана боја са разминуваат со боите на реалниот живот во кој живееме.
Е па почитувани сограѓани и сонародници. Колку и што треба да ни се случи за да сфатиме дека нашата парадигма веќе е на директна штета на сите нас. Системот не ни функционира или функционира само за новата каста на владетели и кројачи на нашата судбина кои несвесно самите ги интронираме. Да, да, самите ние немаме храброст да ги замолчиме дури ни разните пишувачи на социјалните мрежи кои се храбрат со самоизмислена положба на бранители на идентитети и државности. Ја загубивме храброста да си признаеме дека политичките партии имаат номенклатура која е веќе посебна каста и општествен слој кој едноставно не замајува и најчесто се богати на наш грб.
Како евреите пред две илјади години постојано сме во исчекување на лидер кој ќе не поведе во подобра иднина. Такво нешто нема да дочекаме и поради нашата парадигма. Нашата искривена слика на светот околу нас.
За партијата на власт во следната колумна ќе ги расчленам тезите за нејзината контрадикторност а сега само ќе поставам две прашања. Се наследува ли партиската определеност и дали на продолжувачите на идеолошката определеност им се загарантирани раководни позиции во партијата и државата? Како се објаснуваат социјал-демократските идеи со потребата од менаџерски одлуки во компаниите што вредат милиони евра?
Опозицијата сама на видело постави низа на прашања кои не смеат да останат без одговор. ВМРО според првиот дел на името е револуционерна организација. Што е револуционерно во конзервативната демохристијанска идеологија? Нашите парадигматични очила не сакаат да ја видат неспоивоста на поимите. Или имаш револуционерни намери да го реформираш општеството или да го менуваш еволуциски со задржување на некој вредности што се зацврстиле во колективното поведение. Двете заедно не одат и не постојат колку и да сме со розови очила. Но тоа не им смета на партиските раководства, идеолошките очила кај нив имаат видик што е омеѓен со евра и непосредна корист. Во конзервативноста ли се наоѓа одговорот за неучествување во било која историска промена? Вториот дел од името е ДПМНЕ. Демократска партија за македонско национално единство. Ај некој да ми посочи демократска постапка во изборот на партиско раководство и лидер на партијата во целата нејзина историја? Можеби низ некои нивни парадигми клановската борба за позиција има демократска боја, ама тоа само ја покажува оправданоста на мојот наслов. Национално единство е нешто кое ме остари и му ја одзеде перспективноста на секој од народите каде тоа се употребува како врвен дострел на постоењето на нивните држави. Арно ама само да прашам нешто? Кој определува кој е стожерот околу кој се собира тоа единство? Која е таа вредност која ги собира деловите од еден народ врз заедничка активност? Одговорите како што се зачувување на идентитет, на посебност, културна перспектива се само одбрана на оние што немаат рационално решение на поставените прашања. Па ако се идентитет на овој народ они што денес не повикува на национално единство и врз сомнителен личен и идеолошки квалитет, подобро ни е неединство и разни идеи отколку идното единство. Барем кавгата меѓу нив има призвук и изглед на демократија. Ваквите повици со бомбастични зборови за национални идеи и цели скоро секогаш во реалноста завршуваат со реализација на групни и лични интереси. Завршуваат во предавство и на идеите и на целите заради кои и настанала идеологијата.
ВМРО ( водството) ќе си ги задржи своите парадигми како начин за комуникација со членството. Но, која е парадигмата на членството и до кога ќе ги носи розовите очила? Ова што сега го слушаме секојдневно може да се сведе на неколку констатации. СДСМ треба да се казни за потпишување на договорот со Бугарија не затоа што тој може да произведе во иднина лоши последици, туку затоа што тоа го направи сам и не се консултираше со ВМРО. Е, сега или малку подоцна, тој договор (европска рамка) ќе биде усвоен, ама тоа ние ќе го правиме. Колку и кои национални принципи има во сето ова тешко дека ќе се види ако граѓаните не почнат да си ја менуваат својата парадигма. Ќе мора со лупа да ги бараат таквите принципи, а не со очила со розова или зелена боја.
„САД и ЕУ мора да се слушаат, ама вие тоа нема да го правите зошто ќе го предадете идентитетот“. „Ние ќе ги прифатиме истите барања ама ние тоа ќе го правиме зошто нема да го дадеме индентитетот“. Повторно истото прашање почитувани мои читатели. Колку има идеи кои бараат единство пред олтарот на татковината и повикуваат на национално единство а всушност се работи за интерес на моменталните партиски раководства?
Ете, се обидувам и јас своите парадигми да ги сменам. Па се прашувам-Дали е суверена една држава ако не произведува доволно храна за своето население? Дали е суверена една држава ако увезува повеќе одошто извезува? Дали е суверена државата која не може да се одбрани од ниту еден сосед што ќе покаже интерес за нејзината територија?
Премногу тешки одговори за моите парадигми и заблуди. Седнувам во дворот и ги гледам кутрињата како се борат меѓу себе. Е, мои убавци, имате ли и вие некоја парадигма и некој искривен свет или тоа е карактеристика на нас, вашите сопственици? А што ако и она „сопственици“ е само наша парадигма?